Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Беким Максути во денешното гостување на емисијата Стадион потенцираше дека граѓаните треба да знаат дека, не секој пожар се гаси со авион, како што тоа беше случај со пожарот во Кочани. Тука имаше пристап и можност пожарникарите да дејствуваат и да се приближат и делуваат, што не е случај со пожарите во шумските предели кои што се непристапни, па интервенцијата од воздух е неопходна за тие да се локализираат и изгаснат.
„ Кај граѓаните и кај локалната самоуправа се прави погрешен впечаток дека пожарите се гаснат само со авиони и никако поинаку. Авионите се неопходни и ефикасни за шумски пожари но најнеопходна и најпотребна е живата сила, механизација, цистерни, еве на пример во Кочани немаше потреба од авионите. Турција на пример која е зафатена со големи пожари деновиве, иако произведува авиони за пожарите немаше ниту еден авион специјализиран за гаснење на пожари,“ рече Максути
Во врска со фактот што нашите авиони за гасење на пожари останаа приземјени затоа што веќе две години не се сервисирано, Максути ја образложи ситуацијата, посочувајќи на постапката за обезбедување на оператор за сервисирање и опструкциите со кои што се соочувале, кои придонеле да се изгуби драгоцено време
„ Уште во самиот старт кога се купувани „ер- тракторите“ за гаснење на пожарите е направена грешка. Требало во договорот, кој патем речено си го напишале самите производители на авиони наместо дирекцијата и нашите стручни лица, да се обврзе компанијата на десетгодишно сервисирање и одржување на леталата. Со тоа би ги платиле истите пари плус. можеби и помалку од сегашната ситуација кога секоја година треба да губиме време со нови тендери и процедури и да трошиме по околу 400 000 евра годишно. Исто така еден од трите авиони требало да биде двосед за што имаме инструктори да држат обука, а не вака да плаќаме големи пари за пилотите. Имаме голем проблем и со тоа што не се обезбедени соодветни хангари за авионите и тие се на удар на надворешните временски влијанија на отворено,“ додаде Максути.
„Кога јас во номеври минатата година стапив на функцијата, мојот претходник немаше склучено за одржување на авионите затоа што понудата од економскиот оператор беше за 42-43 % поголема од предвидените средства кои што се резултат на пресметките на техничарите, инжинерите и пилотите, па според сите законски прописи, прифаќањето на тие барања беше невозможно. Јас навремено ја започнав процедурата, но наидовме на ситуација да имаме само еден сериозен оператор кој се однесуваше уценувачки а тоа е истиот тој преку кој што се обезбедени авионите. Всушност имаше уште еден понудувач којшто се покажа како несериозен,“ додаде Максути.
Процесите кои што понатаму следуваа, поништување на тендерот, жалби , барање до Бирото за јавни набавки за изнаоѓање на оператор преку договарање, што прво беше одбиено па потоа одобрено, за да на оваа активност, повторно се јави истиот оператор кој што претходно не уценуваше , но сега со помала понуда која што соодветствува на нашите пресметки, образложи директорот на ДЗС.
„На овој начин изгубивме драгоцени пет месеци,“изјави Максути.
Истрага за набавката на авионите за гасење на пожари„ер-трактори“ се води и почна од самиот почеток на моето поставување на функцијата, посочи при денешното гостување во емисијата Стадион, Максути.
„Од Финансиската полиција и МВР уште еднаш беше побарана листата на набавка. Се надевам дека набргу ќе се расчисти целата оваа ситуација, а зошто да не и да се побара одговорност. Време е да се бара отчет и одговорност за се што се набавува, за подоцно се покаже дека е нефункционално,“ изјави Максути.
Тој укажа и на опструкцијата од страна на вработени во ДЗС.
„Тоа се случува кога некој што ќе дојде на функција бара или растура некоја шема која што претходно била направена, веднаш станува непријател број еден и на вработените и на други институции,“ рече Максути, потврдувајќи ја информацијата дека некои вработени иако со големо искуство, одбегнуваат одговорност, па кога има најголема потреба од нив, земаат боледување.
„ Јас уште кога дојдов затекнав своевидна војна и мешање на ингеренции и суети помеѓу ДЗЦ и ЦУК, и реков не е битно кој командува и доминира, кој законски е во право дали Стојанче или Беким битно е да функционираме и да работиме, но ќе треба секако во најсокоро време да се донесат нови законски решенија и да се надминат сите недоречености не само помеѓу ДЗС и ЦУК туку и со Министерството за одбрана, локалните самоуправи, противпожарните друштва и сојузи, невладини организации и приватни компании за обука и издавање на сертификати на пожарникари. Исто така итно ни е потребно превентивно воспитно и образовно делување од најмали нозе кај децата учениците и воопшто кај населенеито,“ смета Максути.
Во иднина, сега кога одиме кон отворен Балкан , треба да почнеме да размислуваме за заеднички набавки, за да можат истите авиони да гасат пожари и во Македонија и во Албанија или Србија Тоа да не биде само во однос на набавки потребни за гасење на пожари, тука и на други неопходни набавки, зошто секогаш кога се бара поголеми количини, цената паѓа, изјави директорот на ДЗС, Максути при денешното гостување во емисијата Стадион на Канал 77.