Обезбедени се доволни количини вода во случај да не стивне ветрот и пожарот да го зафати беровското село Будинарци. Премиерот Зоран Заев, кој денеска е во посета на опожарените подрачја во Малешевијата, е убеден дека државата ќе се справи со пожарот и ќе ќе биде комплетно локализиран.
-Горе се локализира, но секако ветрот не дава можност да се стиши огнот. Се прават обрачи на два дела. Едниот е првиот обрач поблиску до огнот, а вториот обрач е веднаш до селото затоа што по протокол и процедура така мора да се заштитат и граѓаните, најважно, па понатаму и имотот, недвижностите, куќите, шталите се што поседуваат граѓаните. Се надеваме дека со помош на авионите што се овде, заедно од Србија и нашите ќе можеме сето тоа да го направиме – рече Заев.
Премиерот истакна дека заедно на терен со нашите противпожарни единици се австриските и другите противпожарни единици кои прават дополнителни вештачки резервоари за да обезбедат дополнителни количини, со конечна цел доколку ветрот го насочи огнот поблиску до селата, да не се губи време на дополнително одење и доаѓање на полнење, туку тука да се создаваат самите резервоари, што претставува дел од протоколите на нивното дејствување.
-Спреземаат сите дејствија за да може да се локализира и ова најголемо жариште во државата, а тоа е пожарот помеѓу Берово, Пехчево и Делчево буквално што е некаде во радиус од 50 километри, додаде премиерот Заев.
Освен за големото жариште премиерот информираше и за пожарите во Радовишко, и во Прилепско и на други места во државата што се под контрола и локализирани.
-Нормално секоја искра може да значи нов пожар. Уште еднаш апелирам до сите граѓани на одговорност, има строга забрана по шумите, мораме да внимаваме сите и тоа внимание мора да биде посочено и за себе и за другите. Значи, да пријавуваме ако имаме нешто загрозувачко или слично. Веќе се поднесени пет кривични пријави за пет случаеви. Рака на срце, три од нив се ненамерно предизвикани пожари, двата се веројатно намерно предизвикани, тоа истрагата и обвинителството ќе го утврдат, тие се процесуирани и секако казните се огромни. И ќе бидат огромни, рече Заев и апелираше до сите на одговорност и на солидарност.
Околу сервисирањето на хеликоптерите тврди дека тие се сервисираат постојано, а проблем според него, има и со авионите, конкретно недостигаат компании за сервисирање, регистрирање, одржување и лиценцирање поради што многу често жалбените постапки согласно Законот за јавни набавки никако не завршуваат.
-Овие денови побаравме можност преку Бирото за јавни набавки по пат на преговарање да се ангажираат најблиските фирми. Отворивме можност, амбасадите помагаат, влада со влада со Хрватска затоа што нивните воени служби ги имаат лиценците и можноста да го направат сервисирањето на канадерите, на авионите и дефинитивно секогаш кога ни се случуваат вакви несреќи, вакви непогоди, вакви пожари сите сме свесни колку е важно да бидеме подготвени, додаде премиерот.
Нагласи дека се очекува уште едно летало од Романија, второ кое денеска треба да стигне од таа земја, што ќе биде од помош при гасењето на пожарите. Едното летало, појасни, е за гаснење пожари, а другото за асистирање, заради тоа што е поголемо во обем и носи поголеми количини на вода и треба да помогне при гасењето на пожарот на оваа најтешко зафатена локација – беровско-пехчевскиот и делчевски регион.
МИА


