(Видео) Погрешна е помошта која ја добиваме од странство за гаснење на пожарите на земја, потребни се авиони и хеликоптери – вели екс директорот на ДЗС, Шабан Салиу – ММС
ММС

Објавено на: 08/7/21 2:59 PM

(Видео) Погрешна е помошта која ја добиваме од странство за гаснење на пожарите на земја, потребни се авиони и хеликоптери – вели екс директорот на ДЗС, Шабан Салиу

Авионите не треба да бидат сервисирани во октомври. Во мај-јуни тие треба веќе да бидат во полн ек и спремни со пловидбеност, треба навреме да бидат регистрирани и осигурени – изјави поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување Шабан Салиу, кој гостуваше во денешното издание на емисијата Стадион на Канал 77. Салиу рече дека како директор се соочувал со одредени финансиски недостатоци, но доколку со вакво нешто се соочува и сегашниот директор, тој не треба да се амнтестира туку да бара средства за обука на пилоти и за сервисирање.

-Владата кога е опасно, тогаш гледа и прашува зошто не се сервисирани авионите, тоа се прави на време. Штетата која се случува од неподготвеност или кога не е застапена превенција, според стручњаците, е 1 спрема 7 – додаде Салиу.

Тој јавно упати препорака директорот на Центарот за управување со кризи да не се меша во ингеренциите на Дирекцијата.

„Дирекцијата има свој закон, а Центарот свој. Сега со прогласување на кризната ситуација единствено надлежен за да ги координира активностите е ЦУК меѓутоа пак на терен, главна е Дирекцијата за заштита и спасување бидејќи има своја опрема. Во мое време кога бев директор 9 години не дозволував никој да ми упаѓа во моите ингеренции. Директорот на ЦУК малку упаѓа во надлежностите, а сега е важно сите да се координираат и заедно на терен да настапат“, изјави екс директорот.

Според него, додека во државата неконтролирано гори висококвалитетна шума, погрешна е помошта која ја добиваме од страна.

„Во државата неконтролирано гори висококвалитетна шума и многу грешка е помошта која во овој момент се добива, дали ние таква бараме или таква ни праќаат странските држави, а помошта е во возила и во припадници за гаснење на земја. Кога јас бев директор имав одлична соработка со министерот Оливер Спасовски. Тоа време кога беа активни најголемите пожари во Македонски Брод ние баравме воздухоплови. Значи од Турција, од Израел и од многу други држави добивме хеликоптери. Сега во овој момент за жал, не може на копно да се гаси шумски пожар. Таму се потребни авиони и хеликоптери. Овие на земја само можат откако ќе биде локализиран пожарот да не дозволат повторно да се распламти“, посочи Салиу. Тој апелираше дека во моментот помошта треба да биде во хеликоптери или авиони.

Одговарајќи на новинарско прашање што е набавено за време на неговиот мандат, тој истакна дека биле купени 25 противпожарни возила, од кои 15 за гаснење пожари во урбана средина и 10 за во шуми. Салиу посочи дека ситуацијата е лоша и кога се прашање волонтерите за гаснење пожари и рече дека додека тој бил директор биле обучени 300 приадници од Армијата во рамките на Одделението за обука при Дирекцијата за заштита и спасување.

Тој истакна дека недозволиво е авионите да не бидат сервисирани две години, иако признава дека во 2016 – та година тие не биле сервисирани навреме, откако биле одбиени од Советот за јавни набавки поради недоразбирање во документацијата. Во однос на износот од 400 000 евра кој се споменува како потребен за да се сервисираат авионите, Салиу рече дека дури и за најтешките поправки за време на неговиот мандат се плаќало по 210 односно 240 илјади евра. Податоците за 2011-та пак, покажуваат дека таа година за оваа цел се потрошиле 176 300 евра.

Салиу забележа дека во земјава нема доволно пилоти, ниту пак инженери, но смета дека нашите авиони се најдобро сочувани, за разлика од оние на земјите од регионот.

В. Ми