Џафери ги распиша локалните избори – ММС
ММС

Објавено на: 08/6/21 5:59 PM

Џафери ги распиша локалните избори

Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска го потпиша Решението за распишување на избори за членови на советите на општините, Советот на Град Скопје и за градоначалници на општините и градоначалник на Град Скопје кои ќе се одржат на 17 октомври годинава согласно законската рамка и роковите утврдени со Изборниот законик.

Како што информира на денешната прес-конференција, Решението ќе биде доставено до  Државната изборна комисија, Министерството за внатрешни работи и Министерството за правда.

-Со оглед на тоа што изборната кампања за локалните избори започнува 20 дена пред денот на одржување на изборите, во текот на кампањата, Собранието нема да одржува пленарни и комисиски седници. На овој начин им се овозможува на политичките партии и нивните кандидати целосно да се посветат на изборната кампања и на барањата на граѓаните истовремено избегнувајќи можност кампањата да се пресели во собраниската пленарна сала, рече Џафери.

Тој, притоа, не ја исклучи можноста за свикување на итна собраниска седница во наведените 20 дена од кампањата доколку состојбата во државата го наложува тоа.

-Од надлежните институции очекувам да обезбедат избори на ниво кое се очекува од земја членка на НАТО и кандидат за членство во ЕУ. Апелирам до сите учесници во изборниот процес целосно да ги почитуваат Уставот, законите и да се однесуваат согласно Етичкиот кодекс, како и да осигурат дека кампањата и самиот ден на изборите ќе се одвиваат во духот на демократијата, фер изборен процес и еднаквост на сите граѓани, рече Џафери, посакувајќи им успех на сите кандидати за градоначалници и членови на советите.

На новинарско прашање дали се можни измени на Изборниот законик кој е во собраниска процедура и по него да расправа матичната Комисија за политички систем, Џафери рече дека  не очекува некој да иницира постапка за менување на правилата за изборите среде распишани избори, како и со оглед дека ДИК ќе треба да ги утврди роковите за спроведување на изборниот процес.

 

 

МИА