Ситуацијата е исклучително тешка, над 350 луѓе се справуваат со пожарите во пехчевскиот регион, вели Стојановски од ЦУК – ММС
ММС

Објавено на: 08/6/21 4:56 PM

Ситуацијата е исклучително тешка, над 350 луѓе се справуваат со пожарите во пехчевскиот регион, вели Стојановски од ЦУК

Ситуацијата во пехчевскиот регион е исклучително тешка. Со пожарите во Пехчево се справуваат над 350 луѓе, потпомогнати од мештаните. Ветерот е голем непријател во овој момент, изјави Горан Стојановски од Центарот за управување со кризи.

-Пожарите во моментов може да се поделат во неколку категории. Едните се исклучително тешки, како делчевскиот и пехчевскиот регион. Оној во Нов Иственик, Пасјак, Малото, Трботивиште. Во моментов се дејствува со навистина многу жива сила, материјално-технички средства, АРМ, помошта од Србија. Времето е тешко, условите се тешки, силината на ветерот е 60 км на час и сето тоа придонесува да не може да се дејствува. Исклучително тешка е ситуацијата со Пехчево. Има над 350 луѓе на тој потез, потпомогнати масовно од мештаните на Пехчево. Но состојбите уште не се под контрола, можно е огнот да тргне и кон Бугарија, изјави Стојановски.

Тој дополни дека со сигурност не може ништо да се каже и дека се прават напори и за нови хеликоптери, за да се стигне и заштити тој појас.

-Се прават пресеци со градежни машини, се заоруваат ниви и други површини, се сечат дрвја, со цел да се спречи интензивното ширење на огнот, рече Стојановски.

Ситуацијата не мирува и во прилепските села Дрен и Смолани. Таму пожарите се интензивираат, а местата се непристапни за жива сила и материјално-технички средства. Потребна е поддршка од хеликоптер за да се продолжи со дејствата на гаснење. Дали ќе се успее во тоа, ќе се знае после 18:30 вечерва, кога е предвидено заседавање на главниот штаб во ЦУК.

Од Центарот за Управување со кризи соопштија дека се дадени задолженија на единиците на локалната самоуправа да стапат во контакт со јавните комунални претпријатија, да ги приберат сите потребни ресурси кои можат да ги стават на располагање на своите територии.

-МВР и АРМ имаат насоки, како и Министерството за животна средина. Сакам да кажам дека постојано заседава главниот штаб во ЦУК, прибираме информации и податоци од терен и координираме. Во моментов два армиски хеликоптери и четири српски хеликоптери дејствуваат на терен. АРМ го прави распоредот според нивните процедури, рече Марија Милкова од ЦУК.

Според нивните податоци, засега отприлика 130 војници на АРМ се наоѓаат во пехчевскиот регион. За разлика од делчевскиот, каде што ситуацијата малку е смирена, во пехчевскиот состојбата е поризична. Сепак, според Милкова, нема опасност по жителите, куќите и стоката која ја чуваат.

д.ј