Загина 18-годишно девојче во сообраќајка во Куманово – ММС
ММС

Објавено на: 08/6/21 9:16 AM

Загина 18-годишно девојче во сообраќајка во Куманово

Осумнаесетгодишно девојче од Куманово вчера загина во сообраќајна несреќа на автопатот Скопје – Куманово, додека две лица се повредени, од кои едно потешко.

Како што информираат од Министерството за внатрешни работи до несреќата дошло вчеравечер околу 21:55 часот, кога еден километар пред наплатната рампа на патарината во Романовце патничко возило „ауди“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од С.В.(20) од Куманово се судрило со товарно возило „застава“, со кумановски регистарски ознаки, управувано од Д.В.(55) од селото Старо Нагоричане, кумановско.

– На местото на незгодата  починала М.М.(18) од Куманово, сопатничка во возилото „ауди“. Додека, С.В. се здобил со тешки телесни повреди, а Д.В. се здобил со телесни повреди, констатирани во болницата во Куманово.

Увид на местото извршиле Јавен обвинител и екипа на СВР Куманово, а по наредба на Јавен обвинител телото на почината било дадено на обдукција.

Во друга сообраќајна незгода која се случила во атарот на истото село, на локалниот пат Куманово – село Романовце, кај местото викано „Мачја глава“, повредени се четири лица, од кои две потешко.

До незгодата дошло при судир помеѓу патничко возило „фолксваген поло“, со тетовски регистарски ознаки, управувано од малолетник од Куманово и патничко возило „бмв“, со швајцарска национална ознака, управувано од А.Д.(29) од селото Романовце, кумановско, информираат од Министерството за внатрешни работи.

Во незгодата со тешки телесни повреди се здобил возачот  на возилото „фолксваген поло“ и друг малолетен сопатник во истото возило, додека со телесни повреди се здобиле А.Д. и С.Б.(39) од Куманово, совозач во возилото „бмв“, констатирани во болницата во Куманово.

Увид на местото на незгодата извршиле екипа на СВР Куманово и Јавен обвинител.

Никола Ивановски