Во Тетово нема веќе кластери, ситуацијата излезе од контрола – ММС
ММС

Објавено на: 08/5/21 1:52 PM

Во Тетово нема веќе кластери, ситуацијата излезе од контрола

Во тетовско нема веќе кластери, ситуацијата со Ковид 19 е излезена од контрола и има брза и широка трансмисија на болеста.


Епидемиолозите најавуваат тешка есен, ако граѓаните и понатаму продолжат со индивидуалната неодговорност односно непочитување на препораките.

Од Центарот за јавно здравје Тетово велат моментално има 220 лица на домашно лекување, а 200 во изолација, што е мала бројка, ако се земе во предвид бројот на заразени. И тука како главна причина го наведуваат неодговорниот однос на граѓаните.


Од таму апелираат граѓаните да покажат поголем интерес за имунизација, оти тоа е единствениот спас од вирусот. Во тетовскиот регион има најслаб одзив на имунизација споредбено со другите региони во земјава, или поточно околу само 20% од населението е вакцинирано.

Болничките капацитети во Клиничката болница во Тетово нагло се полнат со Ковид пациенти. Моментално се хоспитализирани 32 лица, и сите се со тешка клинича слика. Расте и бројот на амбулантски прегледи и до 70 на ден, статистика која кажува дека и натаму ќе се примаат пациенти во оделенијата наменети за Ковид болни.


Дел од здравствените работници апелираат граѓаните да ги почитуваат препораките и да држат маски дури и на отворено.

Инаку ковид пациентите моментално се лекуваат во три одделенија во склоп на Клиничката болница во Тетово. Во Ковид центарот, на инфективното одделение и во модуларната болница, која вчера се пушти во употреба, поради напливот на хоспитализација на пациенти.   

Зоран Димовски