Штипските бизнисмени се охрабрија. За нив разрешувањето на судии од штипскиот Апелационен суд не е никаква сатисфакција за задоволување на правдата. Тие бараат кривнична одговорност но и повторување на околу 15 судски процеси во кои што поради коруптивното судење се оштетени бројни фирми коишто наместо да водат бизнис морале да се докажуваат низ судските лавиринти, губејќи и пари и време.
Обединети во Граѓанска иницијатива тие денес на прес-конференција го означија стартот на една поширока кампања чија крајна цел би била стоп на криминалот во судството.
„Станува збор за речиси десетгодишен систематски организиран криминал и коруптивно делување на пооделни судии од Основните судови и Апелациониот суд во Штип, Основното и Вишото јавно обвинителство, адвокати, нотари и извршители – сите организирани и координирани од Стојанче Рибарев – поранешен судија и претседател на Апелациониот суд во Штип, а потоа и судија на Врховниот суд на Р. Северна Македонија, а сега веќе разрешен од функцијата заради нестручно и несовесно вршење на судската функција. Располагаме со несоборливи докази дека токму врз основа на неговото незаконито лобирање и трговија со моќ од страна на некои основни и апелациони судии се донесувани незаконски судски одлуки со кои фирми, претпријатија и поединци се оштетени сите заедно во висина од неколку милиони евра,“ рече на денешната прес-конференција Ристе Љуботенски сопственик на Имако Вино, кој што заедно со сопствениците на Актива, Мавис, Лојал Стил и фирмата Хипокс од Виница се дел од Граѓанската иницијатива за стоп на криминалот во судството.
Љуботенски не сакаше да потенцира конкретни случаи на корупција. Вели дека станува збор за процес и дека фирмите се оштетени со тоа што „мито“ даваат другите странки, противници во судските процеси.
„Мито од нас ниту е побарано ниту некој ќе се осмели да побара. Но од спротивните странки во процесите се бара и се обезбедува поткуп, односно се организираат така да течат, што ќе доведат до барање и добивање поткуп. Значи станува збор за продажба на судски одлуки за пари, а тоа е недозволена трговија со законот, со моќта и влијание,“рече Љуботенски.
Сопственикот на Актива, Иле Николовски го појасни текот на овие судски постапки.
„ Луѓето ги премолчуваат овие работи, меѓутоа веќе е крајно време. Навистина има процеси кај што нема никаква логика а ние како фирми ги губиме. Читајќи ги имињата на разрешените судии, читајќи ги имињата на судиите кои ги пресудиле овие наши процеси кај што нема никакви правни докази но за жал се пресудено сосема по слободно судско убедување ни дава за право да се сомневаме,“ смета Николовски.
Љуботенски тври дека според првичните сознанија од направените контакти со стопанствениците и граѓаните, минимум 15 судски процеси треба да бидат ставени во функција на повторување на постапката.
„Износот на пари е минимум околу пет милиони евра, меѓу кои станува збор и за Клиничката болница во Штип, каде што штетата на државата , односно граѓаните коишто плаќаат данок ќе биде два милиони евра. Има и други такви случаи, но не би сакал во оваа фаза да ги споменувам, ние не мсе истражни органи. Го повикувам Државниот јавен обвинител да си ја одигра својата со закон определен улога и да ги оправда парите што ги зема за плата,“смета Љуботенски.
Од Републичкиот судски совет ќе барат да ја прошири постапката за утврдување на одговорност заради нестручно и несовесно вршење на судиската функција и кон други судии кои биле соизвршители во овој грабеж на пари со незаконски судски одлуки
На прес-конференцијата од Граѓанската иницијатива беа повикани сите граѓани кои имаат свои сознанија и докази за криминално-коруптивни активности од страна на некои судии од подрачјето на Апелациониот суд во Штип. Тие сознанија да ги пријават и споделат со јавноста.