Еленец ја враќа надежта во подзаборавената Цера – ММС
ММС

Објавено на: 08/14/18 7:58 AM

Еленец ја враќа надежта во подзаборавената Цера

ММС, 14.08.2018

Бројот на посетителите на живописното село од разбиен тип во пазувите на Осоговските Планини во последните години, откако почна реконструкцијата на манастирскиот комплекс Еленец, е зголемен многукратно, се очекува таквиот тренд да продолжи, особено кога реконструкцијата целосно ќе заврши и ако се реализира најавениот интерес за изградба на угостителски и сместувачки капацитети во Цера, а во тоа церани гледаат и надеж за работни места и за намалување на големиот иселенички бран кон странство

Пишува: Љупчо Шатевски

Некогаш подзаборавената Цера, живописно македонско село скриено во пазувите на Осоговските Планини на 1.000 метри надморска височина и на 12 километри оддалеченст од Македонска Каменица, во последните пет-шест години како да живнува по долгогодишната апатија и празнењето на населбата, во која пред шест децении живееле 1.100 луѓе, а сега се останати околу 350. Главна причина за тоа, освен природните убавини, планината и чистиот воздух, е стариот манастирски комплекс Еленец, изграден во 1880 година врз темели на верски објект уште од римско време, кој од пред шест години почна да се реконструира и е магнет за многу посетители, а покрај него годишно се одржуваат по неколку манифестации на кои се собираат по повеќе илјади луѓе.

Реновираниот манастирски комплекс и манастирската трпезарија

 

Некогаш 200 во две, денес само седум-осум ученици во едно училиште

Цера, како и другите населби во тој планински крај, е село од разбиен тип, со повеќе маала што се доста оддалечени едно од друго. Дури и самото село е поделено на две целини – Долна и Горна Цера. До скоро и во двете имаше училишта во кои некогаш учеле и до 200 деца, а од пред неколку години остана само училиштето во Долна Цера во кое сега учат само седум-осум деца. Пред четири години беше завршено асфалтирањето на патот што води до манастирот Еленец, за што беа обезбедени 270.000 евра од европските фондови, средства со кои почна и реконструкцијата на манастирскиот комплекс.

Црквата во манастирскиот комплекс Еленец

– Прво беа реконструирани два конака, се направија и патеки, се постави осветлување на комплексот, а се уреди и неговата околина. Лани почнавме, а и ја завршивме реконструкцијата на третиот конак, направивме нови и проширивме досегашни летниковци. Во план е реконструкција и на останатите три конаци, но откако прво ќе ја реновираме кујната. Трпезријата од поодамна е готова. Како стигнуваат пари, така работиме. Помага локалната самоуправа на Македонска Каменица, користиме средства што се собираат во манастирот и во убавата манастирска црква, по нешто некогаш донираат и жители на Цера и на соседните села, како и иселеници во странство. Манастирот ни’ го живна селото – вели 41-годиниот Горан Гоцевски, претседател на здружението на граѓани „Еленец“ од Цера и потпретседател на Црковниот одбор.

20.000 гости годишно само на четирите манифестации покрај Еленец

Тој истакнува дека до пред пет-шест години овде се собирал повеќеилјаден народ само еднаш годишно – во октомври, на празникот Покровита Богородица, а сега редовно се одржуваат и „Бабина баница“, на која доаѓаат пензионери од цела Македонија, во август „Ден на дијапората“, кога покрај манастирот се собираат многубројни иселеници од Каменица и од источниот регион, како што беше во неделата на 12 август, а од лани овде ноќеваат и по повеќе стотици Французи, кои секое лето со олдтајмери „пежо“ крстосуваат низ Европа. Годишно, според Гоцевски, само на овие четири собири во Цера доаѓаат по околу 20.000 луѓе. И од локалната самоуправа на Македонска Каменица нагласуваат дека во последните години бројот на гости во Еленец и Цера бил повеќекратно зголемен. А Општината бара можности, покрај од рударството, егзистенција да се обезбедува и од други гранки и дејности, како што е туризмот, со што би се намалил бранот на иселување или заминување на сезонска работа во странство. Се проценува дека од осумилјадната општина во моментот во странство, главно во Италија, потоа во Германија, Швајцарија и во други земји, има помеѓу 1.500 и 2.000 луѓе.

Покрај Еленец и годинава се заигра големото иселеничко оро

Така е и во Цера. Речиси нема семејство од кое по неколкумина не се во странство. Некои, откако ќе се снајдат, со себе ги повлекуваат и семејствата.

– Имам два сина и две ќерки. Едниот син и едната ќерка ми се во Италија, другите се овде, во селото. Така е во секое семејство во Цера. Се видуваме само лете, како сега, кога ќе дојдат на годишен одмор – раскажуваше 70-годишната Славица Ташкова на иселеничката средба во неделата во Цера, облечена во традиционална облека од овој крај, носии во какви редовно се облечени и другите повозрасни жени во селото.

Планината има и свои предности

Меѓу ретките фамилии што ја сочувале семејната компактност, без некој да замине во странство, е таа на Горан Гоцевски, претседателот на ЗГ „Еленец“. Од четворицата браќа никој не отишол во странство. Тројца се во Цера, а еден во Кочани, но и тој секој викенд бил во селото. Чуваат 150 овци, стотина грла крупен добиток, се занимаваат со земјоделство.

– Не е лесно да се опстојува во планината, но со труд може пристојно да се живее и овде. Одлично успеваат компирот, гравот. Има многу печурки и други шумски плодови, одлични услови за пчеларство… Убавините на планината може да се искористат и за развој на туризмот. Она што е направено за Еленец, иако работите се одвиваат бавно, е потврда за тоа. Нема ден манастирот и Цера да останат без посетител. Очекуваме да се направи детален урбанистички план, па овде да никне и викенд населба, а има интерес и за отворање угостителски и сместувачки капацитети. Само така, но и со соодветна политика кон земјоделството, ќе го спречиме бранот на иселување во странство и ќе овозможиме услови за враќање на дел од оние што заминаа – смета Гоцевски.

Горан Гоцевски и Славица Ташкова

Меѓу ретките што се имаат вратено и почнале свој бизнис во родната земја е Стојан Атанасовски, кој по татко е од Цера, а во Македонска Каменица има своја градежна фирма.

– Во 1995 година заминав во Италија и работев во градежна фирма. Во 2011 се вратив и ја отворив градежната фирма. Работа има, но нема работници. Сите се во странство, во потрага по повисоки плати, подобар живот. Не сум песимист. Сметам дека има надеж да се создадат услови за враќање, но државата треба што побрзо да преземе конкретни чекори – вели Атанасовски.

На големата полјана покрај манастирот Еленец и овој август се заигра големото иселеничко оро. Сите сакаат и во иднина овде да се игра оро, но по можност во него да има повеќе повратници од иселеници.

КАРПА ШТО СВЕДОЧИ ЗА ЦЕРА УШТЕ КОГА СЕ ВИКАЛА ЕЛЕН

Карпата што стои уште од римско време

Цера во римско време е викала Елен, а манастирот Еленец. Како што раскажуваат повозрасни жители на селото, манастирот бил изграден покрај една впечатлива карпа што покрај манастирот стои и днес. Во карпата има две длабнатини. Во едната некогаш стоела икона, а во другата се палеле свеќите.
Врз темелите на стариот верски објект, во 1880 година бил изграден тогаш новиот манастир Еленец. Со времето, тој почнал да се руинира, а кога пред шест години почна неговата реконструкција, добар дел од инвентарот беше постар од еден век, а на празникот Покровита Богородица се ноќевало и на мебел постар од 100 години.