Некогашниот чувар на мрежата на Манчестер Сити, Торино и Тотенхем, Џо Харт, стави потпис на тригодишен договор со шкотскиот гигант Селтик, соооштија денес зелено-белите. Двократниот освојувач на Премиер Лигата со екипата на Манчестер Сити, како слободен играч се пресели во фудбалскиот главен град на Шкотска.
Харт во својата кариера дури 75 пати го чуваше голот на „Гордиот Албион“, а последниот негов професионален ангажман беше во англискиот прволигаш Тотенхем.
-Ова е огромен момент за мене и мојата кариера и пресреќен сум што ќе се придружам на ваков клуб како Селтик. Знам колку е голем овој тим и каква поддршка има и одвај чекам да заиграм на „Селтик Парк“, изјави Харт за клупскиот веб-сајт.
Шкотските вицешампиони кои по девет цели години му го препуштија врвот на архи-непријателот Глазгов Ренџерс, во истиот ден успeаа да ангажираат уште едно познато лице од Премиер Лигата. Фудбалерот на Кристал Палас и ирски репрезентативец, Џејмс МекКарти, ќе го зајакне средниот ред на Селтик и до 2025 година ќе ги радува навивачите на „Селтик Парк“.
-Да потпишеш за Селтик е неверојатно чувство. Ова е посебен ден за мене и моето семејство. Знам многу работи за овој клуб, свесен сум за неговата големина и успехот. Сакам да помогнам на тимот и да ги израдувам овие фанови во сезоните кои ни претстојат, рече МекКарти.
Новиот тренер на Селтик, Анге Постекоглу, не ја криеше среќата за реализираните трансфери, велејќи дека од нивното искуство и квалитет неговиот состав единствено може само да добие многу.
Фото: