Владата повторно ги искористи стечајците за политички маркетинг, велат од Левица – ММС
ММС

Објавено на: 08/3/21 5:33 PM

Владата повторно ги искористи стечајците за политички маркетинг, велат од Левица

Пред избори и само за да ги искористи за политички маркетинг, Владата повторно се сети на стечајците. Според политичката партија Левица, со новиот Закон за материјално обештетување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата (Закон за стечајци), кој беше изгласан пред четири дена, ќе бидат опфатени само 1100 стечајци и тоа оние со над 14 години работен стаж, додека оние со помалку години стаж остануваат со празни раце, без никаков надоместок.

-Во Левица секојдневно пристигнуваат поплаки од стечајците, кои останаа како колатерална штета на приватизацијата и за кои што државата со години не води грижа и се сеќава на нив само кога доаѓаат избори. Само од поранешниот гигант за производство на чевли „ЧИК Куманово”, има над 600 стечајци кои што имаат и по над 17 години стаж, но кои што не можат да ги остварат своите работнички права, бидејќи придонесите за социјално осигурување не им се плаќани со години и истите не се евидентирани. Овие лица, не само што не можат да ги користат правата од Законот за стечајци, туку истите нема да можат да остварат ниту право на пензија откако ќе ја исполнат старосната граница, бидејќи го немаат потребниот минимум од 15 години стаж. Веќе видовме дека огромни финансиски средства од Буџетот на РМ се трошат за лизинг на службени возила, патни трошоци, рамковна администрација и слични други непродуктивни трошења и луксузирања на властите, кои што служат за задоволување на мегаломанските желби на државната администрација. Финансиски средства има и доколку кај Владата има политичка волја, може да го реши проблемот на стечајците. Но, јасно е дека истата гарнитура која ги исфрли работнциите на улица за време на мрачната транзиција и од работничкиот имот создаде новопечени олигарси, нема интерес да ги обештети оние врз кои го изгради своето богататство, стои во реакцијата на Левица.

Од опозиционата партија велат дека се залагаат за целосно обештетување на сите стечајци подеднакво, без разлика на висината на нивниот работен стаж и за таа цела имаат изготвено сосема нов Закон за стечајци.