-Во текот на попладневните часови, околу 13 часот, изби пожар во ридските предели крај автопатот на македонско-грчката граница. Пожарот е близу хотел „Фламинго“ и бензинската пумпа „Шимов“, информираат од Општина Гевгелија.
Моментално, ТППЕ- Гевгелија со две возила и мобилизирани пожарникари, како и вработени од ЈПКД „Комуналец“ со едно возило и механизација се на терен и преземаат мерки за локализирање. Според информациите од ТППЕ- Гевгелија, пожарот зафаќа борова шума, а огнените јазици се шират кон грчката територија. Од страна на надлежните, се информирани и грчките пожарникари. Засега, не се познати причините за избувнување на пожарот.

Општина Гевгелија и ТППЕ- Гевгелија ги потсетуваат граѓаните на одговорно однесување во услови на невообичаено високи температури кога и едно најмало невнимание може да предизвика огнена стихија со катастрофални последици.
– Сериозна е работата, на Милце се запали шума, бараме помош, бараме чаре бидејќи во близина има бензинска пумпа и хотел. Пожарот се шири брзо и затоа побаравме помош од Неготино, Демир Капија, а и Валандово , но и таму има пожар – изјави за ММС, градоначалникот на Гевгелија, Поцков.


