Хеликоптерот синоќа немаше доволно гориво за да стигне до Кочани, важно никој не загина, дрвјата пак ќе пораснат, рече Стојанче Ангелов – ММС
ММС

Објавено на: 08/3/21 12:00 PM

Хеликоптерот синоќа немаше доволно гориво за да стигне до Кочани, важно никој не загина, дрвјата пак ќе пораснат, рече Стојанче Ангелов

Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов на денешната прес конференција истакна дека била одржана 9. седница на која по поопсежна расправа, одлучено е дека нема потреба за прогласување на кризна состојба на одредени делови на територијата на државата.

Причините за тоа е што претседателот на Македонија, Стево Пендаровски, во вчерашниот ден даде наредба за употреба на армијата за гаснење на пожарите. Благодарение на некои подзаконски и законски акти можеме да ги користиме средствата на АРМ, истакна Ангелов.

Ангелов истакна дека вчера во попладневните часови кога пожарот во Кочани се приближи до првите куќи и ситуацијата стана сериозна од него било побарано да се испрати хеликоптер.

-Хеликоптерот беше во Старо Нагоричане, каде што имаше голем пожар, а денес е уште поголем. Дејствуваше на тој терен кој што е тешко пристапен. Во Кочани пожарот кој се движеше можеше да се контролира од земја, затоа решивме хеликоптерот да остане во Старо Нагоричане. Од Нагоричане не можевме да го упатиме накај Кочани. а во Кочани ангажиравме максимум субјекти. Хеликоптерот беше ангажиран во Нагоричане уште во раните утрински часови, на пладне направи пауза. На повисоките температури не е препорачливо употреба на хеликоптерите. Така ги ризикуваме животите на пилотите. Вчера никој не загина, никој не беше повреден, дрвјата пак ке пораснат. Пред неколку дена при гаснење на пожар, дојде до прегревање на хеликоптерот, и мораше да се крене на 2000 м висина за да се излади, за да може се врати, на овие температури хеликоптерот неможе да лета., истакна Стојанче Ангелов.

-Во доцните часови, кога пожарот се приближи до куќите во Кочани, побарав да се пренасочи хеликоптерот во Кочани, но хеликоптерот немаше доволно гориво. Ако се вратеше назад немаше да стигне да гаси. Вчера спасивме човечки животи, денес се живи сите благодарение на нашата акција. Од градоначалниците на Кавадарци, Велес побарав да пратат цистерни, исто така и Македонски шуми се вклучија во гаснењето. Во пожарот во Кочани изгореа два крова од куќи, едно трло од кое стоката беше повлечена претходно, неколку животни, исто и неколку автомобили. Владата ќе учествува во целосната санација на куќите. Помоќни држави од нашата горат. Секоја година гори Флорида, Канада, зарем Канада нема да купи хеликоптери? Ние ги користиме армиските хеликоптери, но тие навечер можат да летаат, но не можат и не смеат да гаснат пожари.

Ангелов исто така рече дека во текот на денешниот ден се очекува од Србија да пристигнат четири хеликоптери на скопскиот аеродром, а помош е побарана и од Словенија и Чешка.

М.П.Н.