Изгорени куќи, штали, опушстошени стотици хектари шума во Куманово и Североистокот – ММС
ММС

Објавено на: 08/3/21 7:56 AM

Изгорени куќи, штали, опушстошени стотици хектари шума во Куманово и Североистокот

Куќи, штали и стотици хектари шума вчера изгореа во низа шумски пожари кои го зафатија регионот на Куманово и целиот Североисток.

Пожари имаше на неколку локации низ кумановско, но оној од селото Кокино на подарчјето на Општината Старо Нагоричане кој беше најкритичен е ставен под контрола.

Огнот кој избувнал на први месецов во доцните попладневни часови вчера прерасна во вистински хорор и борба за спас на мештаните на селата Малотино, Степанце и Кокино.

Неколку противпожарни екипи од Куманово, Старо Нагоричане, но и други градови заедно со тимови од Шумско стопанство Куманово, полицијата и армиски хеликоптер вчера се бореа со огнената стихија во овој предел.

Како што информираат од Регионалниот центар за управување со кризи во атарот на селото Кокино се изгорени неколку куќи.

– Од наше јавување на Командирот на ТППЕ Старо Нагоричане во 21:20 часот не извести дека пожарот уште е надвор од контрола и има проширување на Опсерваторијата на врвот на Кокино, додека долниот дел на селото Кокино е ставен под контрола со помош на хеликоптерот, велат од РЦУК.

Последните информации од утринава во осум часот, говорат дека дел од пожарот е локализиран, но сѐ уште гори во месноста Кокински дол.

– Сите тимови се на терен но непристапниот терен ја отежува работата на екипите кои се ангажирани на изгасање на пожарот, велат од РЦУК.

Но, ова не е единствениот пожар во кумановскиот регион. Во селото дренак вчера по 18 часот избувнал пожар кој пеплосал стари напуштени куќи, но и црква и селското училиште. Таму горела сува трева, нискостебелста и деградирана шума.

– Командирот на ТППЕ С.Нагоричане не извести дека не е запознаен за пожарот и дека нивните екипи интервенират во Кокино, стои во билтенот на Регионалниот центар за управување со кризи.

Голем шумски пожар вчера беснееше и во атарот на селото Мургаш. Цела ноќ две екипи на Територијалната противпожарна единица Куманово интервенирале на запалена нискостеблеста и деградирана шума, но изгореле и стари напуштени куќи. Пожарот бил на поголема површина, но утринава во 7:00 часот се повлечени екипите откако целосно го ликвидирале огнот, а неколку лица останале да дежураат на терен.

Сува трева и дабова шума вчера гореше и во селото Белановце на територијата на општината Липково.  Мештаните и екипи на Шумско стопанство Куманово успеале да го изгаснат огнот по четири часа борба со пламените јазици.

Кумановските пожарникари вчера покрај големите шумски пожари се бореле и со запалена сува трева во низа селски средини, додека во селото Доброшане изгорел склад за градежен материјал со помошни објекти.

Големи пожари вчера имаше и во Кратово каде гореше шума на површина од десет хектари во селото Живалево, додека 50 хектари дабова шума, нистостеблеста деградирана шума, сува трева и една штала изгореле во селото Татомир.

Во општина Крива Паланка имале четири пожари и тоа во Мала Пешинце, Градски  водовод,како и селата Конопница и  Варовиште. Според вчерашните последни информации таму биле изгорени една куќа и една штала.

Огромен беше пожарот на територијата на општина Ранковце во селото Отошница каде гореше на површина од околу 500 хектари, а во гаснењето учествуваа претставници од Општната Ранковце, полицијата, ШС Крива Паланка и околу 50 мештани. Со пожарот е  изгорена една куќа. Нема информација каква е состојбата со овој поќар во моментот.

Никола Ивановски