Мајката треба да научи да дои, а новороденчето треба да научи да цица -Светска недела на доењето – ММС
ММС

Објавено на: 08/1/21 1:45 PM

Мајката треба да научи да дои, а новороденчето треба да научи да цица -Светска недела на доењето

Од 1 – 7 август се прославува Светската недела на доењето. Сите ќе се согласиме дека доењето е афирмација на врската помеѓу мајката и нејзиното новороденче, истовремено поврзана со многу емоции, жртва и љубов, но и многу напорна работа. Мајчиното млеко е идеална храна за оптимален раст и развој на децата, а во исто време доењето има и позитивно влијание на здравјето на мајката, физичко и емотивно, стои во соопштението на Центарот за промоција на здравје и човекови права МАТРОНА.

Според глобалната јавна здравствена препорака новороденчињата е потребно ексклузиво да се дојат во првите 6 месеци, со цел да се постигне нивниот оптимален раст, развој и здравје.

Ексклузивното доење од раѓањето е возможно за секој пар мајка-дете, се разбира со исклучок на одредени медицински состојби. Но и покрај тоа што доењето е природен акт, станува збор за нова вештина која е потребно да се научи. Мајката треба да научи да дои, а новороденчето треба да научи да цица, што во пракса не е лесен процес!

Сите мајки може да дојат, но потребно е нивната подготовка да започне уште во периодот на бременоста со давањето на релевантни и достапни информации (едукација). Процесот продолжува во породилиштето, каде со соодветна стручна помош се започнува правилното доење и адаптација. Секако битна е и поддршката од семејството, заедницата и целиот  здравствен систем кој што се грижи за парот мајка-дете.

Со тоа мајките доилки би имале пристап до обучени медицински работници кои ќе им помогнат со  техниките на доење, превенција и решавање на проблемите поврзани со доењето, а истовремено ќе им ја зголемат и нивната самодоверба, што е многу важно.

Доењето е најдобриот избор за храна на вашето дете. Иако 90 проценти од бремените жени во нашата земја имаат намера да дојат, само околу 30 проценти продолжуваат онолку колку што имале намера. Некои од главните причини што мајката престанува рано да дои се должи на проблемите кои се јавуваат во првите 4 до 6 недели  (несоодветна положба и контакт, болка и рагади, застој на млеко, загриженост за количината на млеко и др.). Не е секогаш лесно, но ние сме тука за вас секогаш кога ви е потребна стучна поддршка. Преку нашите едукации ве подготвуваме, ве водиме, и ви помагаме, стои во соопштението на Центарот за промоција на здравје и човекови права МАТРОНА.

МИА