Царината спречи обиди за криумчарење на забна протетика, лед светилки и гасни пиштоли – ММС
ММС

Објавено на: 08/13/18 1:06 PM

Царината спречи обиди за криумчарење на забна протетика, лед светилки и гасни пиштоли

Во текот на минатата недела, царинските службеници спречија повеќе обиди за криумчарење разна стока, при што привремено се задржани скенер со софтвер за забарска протетика, лед светилки и делови за нивна монтажа, готови пари, рачни часовници, гасен пиштол и муниција за гасни пиштоли.

Задржана е следната стока:

Техничка стока

– 3Д скенер со компјутер, монитор и софтвер за забарска протетика, откриени при контрола на автомобил со италијански регистарски таблички, управуван од македонски државјанин, пријавени за влез во државата, на граничниот премин Табановце автопат. Непријавените производи биле пронајдени на задното седиште и во багажникот на возилото помеѓу личните работи на патниците. Истите се привремено задржани, а против возачот ќе биде поднесена кривична пријава.

– 691 разни производи за електрично осветление (лед-светилки, лед-ленти, лед-плафоњерки, дозни, арматури за светилки, прекинувачи, приклучници и друго), откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на автомобил со англиски регистарски таблички управуван од албански државјанин, пријавени за влез во државата на граничниот премин Блаце. Непријавените производи, пронајдени во кеси и картонски кутии сместени во багажникот на возилото, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна пријава.

Готови пари

– 4.600 евра, откриени во два одвоени случаи на Интернационалниот Аеродром Скопје, при личен претрес на двајца македонски државјани.

Во првиот случај, во преден џеб од фармерките на патник кој имал намера да отпатува со лет за Братислава, биле пронајдени 5.200 евра за кои не поседувал документ за потекло. Согласно законските прописи, на патникот му биле вратени 2.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата, а 3.200 евра биле привремено задржани.

Во вториот случај, во џебови од фармерките на македонски државјанин кој имал намера да отпатува со лет за Истанбул, биле пронајдени 3.400 евра за кои не поседувал документ за потекло. Согласно законските прописи на патникот му биле вратени 2.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата, а 1.400 евра биле привремено задржани.

Во двата случаи против патниците ќе бидат поведени прекршочни постапки.

Рачни часовници

– 2 рачни часовници, марка Rolex и Audemars Piguet -Royal откриени на Интернационалниот Аеродром Скопје, при контрола на патните торби на македонски државјанин, кој допатувал со лет од Базел. Непријавените часовници, пронајдени во џеб од фармерки сместени во рачна торба, се привремено задржани а против патникот ќе биде поведена прекршочна постапка.

Гасен пиштол

– 1 гасен пиштол марка Blow со калибар од 9 мм и 50 парчиња муниција за гасен пиштол Zuber калибар 9мм, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на македонски автобус кој сообраќал на релација Истанбул – Скопје, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавениот пиштол и муницијата биле пронајдени во дупло дно на патна торба, сопственост на македонски државјанин кој патувал со автобусот. Истите се привремено задржани а против патникот ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.