Претседателот на партијата Движење за обединување (ЛБ) Ваљон Мурати ги смета за апсурдни тврдењата на бројни косовски политичари дека промената на границата со Србија ќе донесе војна и истакнува оти со таквите изјави се настојува да се предизвика паника во јавноста, јави дописникот на МИА од Приштина.
Мурати преку објава на Фејсбук порача дека промената на границата треба да се направи „со благослов од меѓународната заедница“ и дека тоа ќе донесе мир меѓу Албанците и Србите.
– Деновиве не престанувам да се чудам на апсурдните тврдења дека промената на границите подразбира војна. Вака се настојува да се преплашат луѓето и да се предизвика паника во јавноста дека може да имаме војна и да се дестабилизира Балканот. Вистината е дека ако се променат границите тоа може да се случи единствено во договор и со благослов од меѓународната заедница и во тие услови не само што нема да има војна, туку ќе се постават цврсти темели на мир меѓу Косово и Србија, меѓу Албанците и Србите, напиша Мурати.
Според лидерот на ЛБ, тие што заплашуваат со војна се „главно истите кои инвестирале или се производ на инвестирањето во мултиетничкиот концепт на Косово“, кое, како што нагласува, го сочинуваат над 92 отсто Албанци.