Едното срце ми е во гради, другото во пети: Снежана Илиевска со пасијата кон спортот, физиотерапијата и пчеларството пркоси на стереотипи и предрасуди – ММС
ММС

Објавено на: 08/9/21 7:03 PM

Едното срце ми е во гради, другото во пети: Снежана Илиевска со пасијата кон спортот, физиотерапијата и пчеларството пркоси на стереотипи и предрасуди

Кој вели дека живеењето во руралните средини и малите градови во внатрешноста е здодевно?  Напротив, сѐ зависи од тоа како ќе си ја наредиш работата. Класичен пример за ова е Снежана Илиевска (39) која била родена и живеела во село Дулица, а потоа се преселила во Македонска Каменица. Во нејзината инспиративна животна приказна се испреплетуваат низа предизвици, па Снежана досега сменила неколку професии. Денес кога е редовно вработена во Дневниот центар за лица со попречености во Македонска Каменица, таа не мирува. Паралелно чува пчели, а работи и како фудбалски судија. Поради љубовта кон спортот веќе одамна е запознаена со родовите стереотипи кои таа успешно ги руши,  а пред кои дополнително била „изложена“ во периодот кога одлучила да се разведе од сега веќе, поранешниот сопруг, со кој ја има ќерката Ана.

Со многу активности во природа и дружби со животните, поминувале детските денови на Снежана, најголемата од вкупно три ќерки во семејството Илиевски.  Сепак, кога имала 12 години таткото починал, па мајката морала да ги одгледува трите деца со семејната пензија и со детскиот додаток од државата. Растењето било скромно и со мининални финансиски средства, но секогаш имало за да се платат тренинзите по карате на Снежана. Љубовта кон спортот која и ден денес ја негува, почнува во тинејџерските денови.

„На часовите по физичка култура игравме фудбал, а многу сакав карате да тренирам.  Мајка ми беше против тоа бидејќи сметаше дека каратето не е за женскo и ми велеше да тренирам ракомет или кошарка, иако тоа беше поскапо. Јас бев упорна и тргнав, а таа мислеше дека ќе се откажам по еден месец. Јас тргнав и никогаш не се откажав. Сепак секогаш знаев што сакам. Сакав спорт, а ме влечеше и психологија.  Не бев одлична ученичка поради одредени предмети кои не ми одеа како физика и математика. Во средно кога трчавме, секогаш бев прва, само еднаш бев второ место. Секогаш тоа ми беше предизвик, но повеќе ги сакав индивидуалните спортови“, раскажува Снежана за ММС.

Кога матурирала, воопшто не се мислела каде ќе го продолжи образованието. Изборот лесно паднал и таа се запишала на Факултетот за физичка култура во Скопје. Живеела во студентски дом, каде престојот нејзината мајка го плаќала само во првиот семестар. Потоа почнала самостојно да заработува, па тоа што ќе останело на страна го праќала дома.

-Јас бев последна генерација која не плаќаше партиципација. Запишана сум во 2001 година и во државна квота партиципацијата всушност беше нула денари. Од дома минимални средства ми даваа само за храна и за студентски дом. Еден семестар ми даваа од дома пари, а потоа извадив кредит.   Во втора година зедов стипендија, почнав да судам фудбал. И да не судев, ќе работев нешто друго. Фудбалот ми испадна „кец на десетка“, па и од стипендијата заштедував – вели Снежана.

Таа за разлика од повеќето студенти место да одмора за време на викендите, всушност одела на фудбалски натпревари надвор од Скопје за да дојде до денар плус, а првата сума што ја заработила била триста денари. Во меѓувреме, на Факултетот за физичка култура се отворила тренерска насока, па Снежана одлучила да се запише и на таа насока за потоа да може да добие диплома за тренер по карате.

Во третата година од студиите останала бремена и на 22 години ја родила ќерката Ана. Една година паузирала, но на крај успеала да одбрани две дипломски работи од двете различни насоки на Факултетот. Поради физичката активност на мајка си, малата Ана пораснала на спортските терени. Уште кога имала една годинка, Снежана ја носела ќерка и’ на стадион со себе, бидејќи немало кој да ја чува.

„Јас одев да трчам, никој не ми го чуваше детето за да трчам.  Ќе ја успиев и доволно ќе беше само некој да ја ѕирне да не се разбуди. Кога потпорасна и’ земав боенки за да се занимава, а јас да трчам. Таа тренираше кошарка, па ракомет. Сега веќе не, но добра е во гимнастика, многу е еластична. Многу беше упорна и многу работи сама ги научи.  Таа е спортски градена и може да постигне многу ако се потруди, но сега спортот не и’ е приоритет. Сега има други афинитети. Таа одлично дизајнира.  Без разлика што и да е – едно време преокупација и’ беа чевлите, го сака модниот дизајн, го сака и графичкиот дизајн. Веројатно и такво нешто ќе студира“, додава Снежана.

Кога Ана имала шест години, Снежана и нејзиниот сопруг се развеле, за што оваа жена не наишла на поддршка од страна на патријархалната мајка. Коментари и зачуденост имало и од други жени од нејзиното опкружување, кои како што вели Снеже, ја прашувале што и’ фалело.

„По некоја година истите тие жени ме сретнаа и ми рекоа дека добро сум постапила. За мојот развод немав поддршка од мајка ми, таа е патријархален човек, мисли дека луѓето ќе речат ова или она. Јас немам таков проблем. Ќерка ми каква професија и да одбере ќе ја поддржам. Многу сум либерална, па и таа има такви сфаќања и ми е мило за тоа. Детето си е мое и го сакам без оглед на се’. Јас не ја терам да има некакви мисли“, додава Снеже.

И покрај двете факултетски дипломи таа не можела да најде работа според струка, па се вработила во текстилна фабрика, а извесно време работела и на лозје во Италија. Кога се вратила, Снеже се вработила како обезбедување во рудникот Саса. Размислувајќи да земе нова диплома за средно стручно образование, една пријателка и’ предложила да се запише повторно на факултет. Па така, Снежана станува студентка и на Медицинскиот факултет во Скопје, на отсекот за физиотерапевт.

Било напорно, но не и невозможно. Снеже ја зела дипломата за физиотерапевт, па сега со неа работи во Дневниот центар за лица со попречености во Македонска Каменица. Работата со децата таму особено ја исполнува и како што вели, се труди колку што може да внесе доза позитива во нивното секојдневие. Спортот несомнено и’ е заштитен знак на Снежана, па љубовта кон него таа им ја пренесува и на децата.

„Си ја сакам работата, но пред да почне короната многу подинамично ни беше. Таму со колегите немаме поделба на работата. Имаме на пример, лица во количка, со даунов синдром и со вообичаен физички изглед, но имаат други пречки. Кога има фудбал јас ги носам на натпревари.  Во салата ако има кошарка, ќе одиме ќе гледаме.  Ние исто така играме кошарка, па одиме на прошетка, на базен одевме пред короната. Сакам времето да биде искористено. Имаме прекрасни терени до Дневниот центар, па земеме топка, си подаваме“, раскажува Снежана за Македонски медиа сервис.

Во моментот, таа секој работен ден по осум часа работи во Дневниот центар, а викендите ги резервира за фудбалот, како и  за пасијата која сосема случајно станала дел од нејзиниот живот пред четири години – пчеларството.

Сѐ започнало сосема случајно со една обука за пчеларство во нејзиниот град, па сега веќе има 60 пчелни семејства во нејзиното родно село. Затоа вели дека за некои се работи се чувствува како Атиџе, хероината од Медена земја.

„За некои работи се чувствувам како Атиџе, за некои не. Јас сум едуцирана, а таа  ги немала тие прилики и живее во селото. Јас ако не излезам од Каменица се чувствувам како заробена, поради фудбалот патувам доста. Шест години по ред одам во Норвешка на младински турнир. Сакам да шетам, сакам доста земји да посетувам“, ни сподели Снеже додавајќи дека често патува автостоп. На овој начин ја пропатувала цела држава  и вели дека нималку не се чувствува небезбедно.

Патувањето со автостоп почнало во младоста поради недостиг на финансиски средства, но сега го прави поради авантура.

„Сега ми е предизвик патувањето, сум сретнала супер луѓе. Ме прашуваат дали не ми е страв, но јас не размислувам така. Може и на улица камион да ме удри.  Мислам на  позитивните луѓе кои ќе ги сретнам, имам пријатели сретнато така.  Може да сретнеш и лош човек, но може да го сретнеш било каде. Автостоп патувам само во Македонија, со исклучок на едно такво патување лани во Белград пред да почне короната. Тој викенд потрошив 300 евра, бев на семинар, но стигнав до таму со нула денари“, ни раскажа Снеже.

Таа е критички настроена кон родовата еднаквост во македонскиот фудбал, бидејќи како што смета, таму има дискриминација.

„Имаме проблем ние женските. Јас сум физички способна, ги трчам и машките норми подобро од некои мажи. Јас ако можам да трчам машка норма, зошто да не судам прва, втора лига? Федерацијата е многу шовинистички настроена, каде и да бев на друго место јас ќе бев ФИФА судија“, посочува нашата соговорничка.

Вели дека додека ја служат рацете таа никогаш нема да трпи за леб и додава дека повеќе би ја исполнило да работи на нива или лозје, отколку во канцеларија.

-Немам срам од работа, сум работела се’ и сешто. Кој сака да работи, може да заработи. Доста луѓе мислат дека во странство парите на дрво растат. Во странство работи од сабајле до вечер, но ако така работи  таму, значи може и тука. Таму не е срамота да копа, а тука е срамота. Сите сакаат работа на фотелја и голема плата. Јас не можам во канцеларија да се замислам, ќе ме фати дремка. Сакам активна работа. Подобро 5 саати ќе копам, отколку да седам еден саат – додава Снеже.

До сите жени испраќа само една порака – „ич да не им е гајле што ќе речат другите луѓе“.

„Жените нека си постават повисоки цели, јас можеби не сум постигнала којзнае колку , но се’ е со моите раце. Кај пчеларството немаме дискриминација, но во фудбалот има многу дискриминација и се надевам дека тоа ќе се смени. Таму нема само родова дискриминација, туку и во големите градови има повеќе бенефити.  Кога секој ќе се грижи за другите, тогаш ќе напредуваме како општество“, забележува Снежана.

Според неа, на човек не му требаат многу пари за да му биде убаво. Бидејќи сме во ек на летото, ја прашавме каде најмногу сака да летува.

„Јас можам да си дозволам и хотел со 5 ѕвезди, но сум била и на логорување, сум спиела во шатор и на дожд на лошо време. Немам проблем со тоа. Не наоѓам маана што ќе работам и каде ќе спијам. На човек не му требаат многу пари. За да иде на одмор му треба вода, ако му треба хотел со 5 ѕвезди нека одмора дома. Јас сакам кајак, не сакам да спијам.  Со Ана одиме на езеро, го претпочитам  Дојран бидејќи водата е многу топла. Антипливач сум, но сакам нуркање, знам кајак да веслам. Сепак, мислам и на безбедноста, не би отишла без опрема“, додава Снежана.

Вели дека жените треба да се храбри, да имаат свои принципи и да мислат на својата безбедност, а за таа цел важно е да бидат физички активни.

„Едното срце ми е во градите, другото во петите. Тоа е една изрека која ја научив уште на Факултет и тоа е така кај спортистите. Јас сум трпелива и смирена, но имам свои принципи и никогаш не се чувствувам загрозено“, искрена е Снеже.

Во таков дух ја воспитува и својата ќерка која наскоро ќе полни 17 години. Снеже е горда на Ана и на либералните вредности кои и таа ги негува.

-Сакам Ана да се почувствува самостојна. На карактер сме многу слични, гледам дека и таа е доста упорна како мене – додава Илиевска, која со својата сестраност е вистински пример за женскиот пркос на стереотипите и предрасудите. Денот е прекраток за сите нејзини планови и активности, па како што вели, нема време да и’ биде здодевно спојувајќи ги во едно спортот, физиотерапијата и пчеларството.

 

 

Вања Мицевска