„Музиката зборува на сите јазици – 30 години мулти култра“ – Концерти по повод 30 години независност – ММС
ММС

Објавено на: 07/30/21 2:12 PM

„Музиката зборува на сите јазици – 30 години мулти култра“ – Концерти по повод 30 години независност

„Музиката зборува на сите јазици – 30 години мулти култра“ – вака гласи насловот по повод прославата на 30 годишнината од македонската независност на која ќе бидат организирани четири концерти.

Проектот се состои од концертни настапи на врвни македонски музички имиња од различни националности, кои со примерот на соработки ќе го потврдат мултикултурализмот на државата. Концертите ќе бидат организирани на значајни културни добра и локалитети што ќе придонесе за достојно одбележување на вака значаен јубилеј.

На 3 август во Св. Софија во Охрид ќе настапат Весна Гиновска Илкова заедно со Кристина Светиева, Бобан Мирковски и Ерхан Шукри Квартет.
Ќе бидат изведени арии од македонски автори, традиционални и забавни македонски композиции. Целата програма е подготвена специјално за овој концерт.

На 15 август, во Куршумли Ан, ќе настапи нашиот најдобар македонски jazz гитарист Тони Китановски, заедно со извонредните музичари Асан Рашид, Абас Јахјаи, Владимир Крстев, Техамана Лазар, Ајдин Јахјаи и Виктор Филиповски. На програмата фузија на world музика со jazz елементи, изведена од врвни мајстори на музичката сцена.

На 3 септември на археолошкиот локалитет Стоби ќе настапи групата Синтезис изведувајќи го својот богат опус на композиции со кои како амбасадори на културата не преставуваат во светот повеќе од 25 години.

На 6 септември на скопската тврдина Кале, ексклузивен концерт на Влатко Стефановски со симфонискиот оркестар, под диригентска палка на Џијан Емин. Добро познатите композиции на Стефановски во аранжмани на Емин се гаранција за неповторливо и уникатно искуство.

– Македонското општество е мулти национална и мулти културна заедница, редок пример не само на балканските простори туку и многу пошироко. Мулти националнoста особено се отсликува во културата, и пред се во музиката, како нејзин најекспониран сегмент. Нашата држава е ризница на талентирани музички автори, кои создавале и создаваат уникатни музички дела, со висока музичка вредност, од различни жанрови. Прославата на 30 години независност е одлична можност да се потсетиме какво музичко богатство поседуваме. – велат од Баги Комуникации.

Сите концерти ќе бидат организирани согласно важечките протоколи за организација на настани и ќе бидат безбедни за публиката. Билетите за секој концерт се во ограничен број и чинат 200 денари, а можат да се набават онлајн на www.bileti.mk.
Концертите ќе бидат емитувани на програмата на Македонската Телевизија а ќе бидат пренесувани и на интернет, со цел што повеќе граѓани да можат да ги проследат истите.
Проектот е поддржан од Владата на РСМ преку јавниот повик за финансиска поддршка за организација на настани по повод 30 години од државноста.