Во Дебар расте бројот на заразени, меѓу хоспитализираните е и жена вакцинирана со две дози – ММС
ММС

Објавено на: 07/30/21 8:04 AM

Во Дебар расте бројот на заразени, меѓу хоспитализираните е и жена вакцинирана со две дози

Висока едноцифрена бројка на новозаразени со ковид-19 е регистрирана денеска во Дебар.

По одреден период веќе има двајца пациенти во ковид центарот во интерното одделение, при Општата болница со проширена дејност, која здравствена заштита пружа за жителите од општините Дебар и Центар Жупа – пренесе МИА.

„Само денес опасниот вирус е дијагностициран кај седум лица, од девет општини, шест од нив веќе се внесени во денешниот извештај на Министертвото за здравство, додека за еден потрдата ја добивме подоцна. Во последните десет дена имаме девет новозаразени а вкупно активни се 12 лица, од нив три се иселеници од САД“, изјави за МИА, Арбијон Колари, лекар во Ковид центарот.

Според него, моментно во центарот хоспитализирани се две пациентки, една од нив на кислородна подршка.

– Една од пациентките е вакцинирана со две дози вакцина, додека другата нема примено ниту една доза. Денеска испративме 11 тестови и за најмалку седум од нив се сомневаме дека се позитивни. Она што во моментов ни е најпотребно се брзите тестови, зашто првичнот резултат ќе го имаме побрзо, посочува доктор Колари.

Она што може да се види насекаде во градот и населените места е фактот дека само мал дел од граѓаните носат заштитни маски во затворен простор, дистанца не се одржува а секојдневно има по повеќе веселби, свадби, сунети, свршувачки со големо присуство на гости.

 

МИА