Се’ за храна: Домашен лосион со кокосово масло за природна нега на лице, коса и тело – ММС
ММС

Објавено на: 08/13/18 11:47 AM

Се’ за храна: Домашен лосион со кокосово масло за природна нега на лице, коса и тело

Одвојте малку време и сами направете си домашен лосион со кокосово масло кој има длабински хидратантен ефект и дава одлични резултати во негата на лице, коса и тело. Всушност овој лосион  е сѐ што ви треба за нега ова лето.

Со овој домашен лосион секогаш ќе знаете точно што нанесувате на вашата кожа и коса, бидејќи е направен од внимателно одбрани и целосно природни состојки. За кокосовото масло одамна е познато дека е едно од најдобрите природни масла за нега на коса, ги затегнува брчките и има антисепички својства. Затоа, ова масло е погодно за употреба и од лицата кои страдаат од егзема, дерматитис и акни. Овој лосион содржи и вода која ја ублажува маснотијата на кокосовото масло, а ја храни и хидрира кожата.

Потребно:

  • 200 мл органско ладно цедено кокосово масло
  • 3 лажици бадемово масло
  • 3 лажици глицерин
  • 1 лажичка масло со витамин Е
  • 150 мл дестилирана ладна вода.

Начин на подготовка:

  1. Бидејќи кокосовото масло на собна температура е во цврста состојба, растопете го така што теглата со масло ќе ја ставите на сонце, пареа или во сад со жешка вода.
  2. Во растопеното масло додајте ги и бадемовото масло, витаминот Е и глицеринот, па добро промешајте додека сите состојки се соединат.
  3. Смесата складирајте ја во чиста тегла и ставете ја во фрижидер малку да се стегне. Притоа, не треба да се стврдне во целост, туку колку да започне процесот на трансформација во цврста состојба. Потоа, извадете ја и матете ја со миксер додека добиете фин путер.
  4. Во овој путер додајте ја и изладената дестилирана вода и матете заедно со миксер уште околу 10 минути или додека водата и путерот се соединат во лосионот.
  5. Повторно вратете го лосионот во чистата тегла во која планирате да го складирате.
  6. Од оваа количина на состојки ќе добиете околу 400 мл лосион кој има долг рок на траење. Благодарение на витаминот Е кој е и природен конзерванс, лосионот ќе трае долго време и на собна температура, но сепак најдобро е да го чувате во фрижидер.