Собранието го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за државјанство со кои треба да се реши статусот на луѓето од поранешните југословенски републики кои до денот на прогласување на независноста живееле во земјава. Тие ќе треба да добијат државјанство во рок од три години по стапувањето во сила на Законот.
Пратеничката од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Ели Панова забележа дека законот на пленарна седница стигнал со кршење на Деловникот, на сите практики и процедури.Според неа, Комисијата за европски прашања демонстрирала моќ, а шесте суштински амандмани им биле одбиени како неуредни од страна на претседателот на Собранието.
Панова рече дека законот не е во согласност со Европската конвенција за државјанство.
– Сите лица кои немаат државјанство треба да го добијат. Јас сочувствувам со сите кои живеат овде а кои немаат државјанство. Проблемот со овие лица е што тие можеле да добијат државјанство, но надлежните не знаеле како да ги применуваат постојните прописи. Лицата треба да добијат државјанство со одредени предуслови, а не како сега само врз основа на една сметка за болничко лекување биде дадено државјанство, рече Панова, која додаде дека сега со измените и дополнувањето на законот се создаваат предуслови за злоупотреби.
Реплицирајќи и на Панова, Халил Снопче од Алијанса на Албанците рече дека на говорницата се пласираат дезинформации.
– За жал, вие не сте го прочитале Законот. Вие кажувате само со еден документ може да се земе државјанство. Се работи за околу 15 документи и да појасниме за јавноста, тоа се однесува за лица кои до 1990 живееле во државата, а кои потоа го изгубиле државјанството. Еден период имале југословенско државјанство, а потоа го изгубиле. Затоа се тие документи Панова, реплицираше Снопче.
МИА