Адвокатите велат здравјето на Камчев е алармантно, но од Шутка негираат – ММС
ММС

Објавено на: 07/28/21 6:40 PM

Адвокатите велат здравјето на Камчев е алармантно, но од Шутка негираат

Адвокатскиот тим на бизнисменот Јордан Камчев денес повторно информираше за неговата здравствена состојб. Во соопштението што го испратија во медиумите велат дека денес, при редовната посета на Камчев, повторно го  констатирале она кое изминатите неколку недели се потврдува, дека неговата здравствената состојба е исклучително алармантна, континуирано се влошува и во КПУ Затвор Скопје нема соодветни услови за третирање на истата.

-Јордан Камчев постојано има сериозна, силна главоболка , но во КПУ Затвор Скопје нема дежурен доктор за да го прегледа притвореникот. Се праќа медицинска сестра или медицински брат за проверка на состојбата. Првично, денес во текот на утрото г-динот Камчев имал многу сериозна главоболка и од затворскиот ,,медицински тим,, констатирано било дека има спојување на притисоците и дека има видливи отоци на лицето. Потоа, во 14.30 тој се чувствува многу лошо поради што прегледан е повторно во КПУ Затвор Скопје, констатиран е повторно споен притисок, 90 со 70. Предложено му е да биде однесен на Клиниката за Кардиологија, но тој одбил бидејќи од претходното искуство кога е пренесуван смета дека е само дополнително малтретирање за него во состојбата во која што се наоѓа бидејќи и таму секако не ја добива соодветната терапија со која би се подобрила неговата состојба. Од затворскиот ,,медицински тим,,  оваа негова состојба во КПУ Затвор Скопје ја третираат со сол и газирана вода. Сериозноста на здравствената состојба во која што моментално се наоѓа и  несоодветното третирање на истата претставува ризик директно по животот на г-динот Камчев, се вели во соопштението потпишано од адвокатите Гоце Ристески и  Александар Михајлоски и додаваат:

„Од правен, но и етички и морален аспект, и нашиот клиент, г-динот Камчев и ние како правна одбрана во целост поддржуваме активности со кои би се  докажала правдата, но апелираме на сериозна разумност кај Обвинителството и судиите и нивна рационалност при донесувањето на одлуките. Сметаме дека целта на мерката ефективен притвор која се применува не е директно да се загрозува здравјето и животот на еден човек, додаваат тие.

Од КПУ Затвор Скопје, за „360 степени“ ја негираат констатацијата на адвокатите на Камчев.  Директорот Филип Андов, вели дека на притвореникот му се дава соодветната терапија и секогаш кога се пожалил на нешто му се пружала грижа од домскиот лекар или се повикувала итна помош.

-Медицинскиот тим е професионален кој е под команда на Здравствен дом Скопје. Секојдневно, на секој кој ќе се пожали му се пружа грижа. Камчев ја зема неговата терапија нормално, според тоа што е пропишано. На секое негово пожалување за здравствената состојба му се излегло во пресрет од домскиот лекар, а ако е после 16 часот се викала и Брза помош. Нема никакви сознанија дека му е нарушена здравствената состојбата, сите контроли и тестови му се направени и параметрите се во ред“,  изјавил Андов за „360 степени“.