Прва граѓанска судска постапка против ЕУ за климатската политика – ММС
ММС

Објавено на: 08/13/18 10:20 AM

Прва граѓанска судска постапка против ЕУ за климатската политика

Европскиот општ суд ја прифати судската постапка на повеќе семејства против Парламентот и Советот на ЕУ за недоволно амбициозни цели за намалување на емисијата на гасови што го предизвикуваат ефектот на стаклена градина до 2030 година.

Подносители се тужбата од повеќе семејства од Португалија, Германија, Франција, Италија, Романија, Кенија, Фиџи и здружение на млади од Шведска.

Тужителите сметаат дека зацртаните цели на Европската Унија за намалување на ефектот на стаклена градина не се доволни и дека ги прекршуваат нивните човекови права.

ЕУ се обврза да ги намали емисиите на штетни гасови за 40 отсто до 2030.

Европскиот парламент и Советот на ЕУ ќе треба да ја презентираат својата одбрана за два месеци.

Тужителите не бараат финансиска отштета, туку укинување на сегашните зацртани климатски цели и воведување на повисоки цели – 50 до 60 отсто намалување до 2030.

– Целта на оваа постапка е да се заштитат луѓето, нивниот живот и нивните основни права од влошувањето на ефектите од климатските промени. Ова е многу важен случај на европско ниво и верувам дека ги имаме сите потребни докази за да одиме напред, изјави адвокатот на семејствата Рода Верхејен.

Постапката е поддржана од повеќе невладини организации, кои се занимаваат со климатските промени.

Прифаќањето на постапката доаѓа во време кога Европа се соочува со невообичаено високи температури, екстремна суша и пожари.

– Пожарите ми го уништија имотот во 2017, оваа година повторно се бориме со масовни жешки бранови и пожари во Европа. Од почетокот на ова лето многу луѓе ги загубија животите и домовите поради влошените ефекти на климатските промени, не смееме да молчиме пред ова. Овој случај се однесува на нашата заедничка иднина и среќен сум што сме сега чекор поблизу да бидеме слушнати, изјави Португалецот Армандо Карвалјо, кој е еден од подносителите на тужбата.