Само со мапи не се оди на планина – Зошто се загубиле планинарите на Шара ? – ММС
ММС

Објавено на: 07/28/21 1:16 PM

Само со мапи не се оди на планина – Зошто се загубиле планинарите на Шара ?

Без водич само со мапи и во непристапен и непознат терен, планинареле групата планинари од Чешка, која се загуби во месноста Лешница на Шар Планина. Двајца од нив завршија во болница, од кој едниот доби тешка скршеница на рамото.

Како што информиравме завчера спасувачката акција траеле два часа. Еден од чешките планинари околу 18 30 минути го информирал Центарот за управување со кризи дека неговата група се загубила, па на терен излегле полициски екипи, брзата помош и противпожарната единица од Тетово.

-Добивме пријава дека на Шар Планина во месноста Лешница ЦУК добил информација дека се загубиле млади планинари од Чешка. Само што ја добивме пријавата со теренско возило се упативме да ги пронајдеме. Среќа е што сите институциите кои се релевантни беа присутни и координирани. Таму горе времето се стемни и ние вклучивме сирени и ротационен сигнал за да не слушнат и видат планинарите и да дадат сигнал. Еден од нив истрча пред нас да ни каже каде се ноаѓаат и лесно ги најдовме. Пак ќе кажам благодарение на добрата координација на сите институции кои дојдоа тука, изјави Ука Алити командир на ТППЕ Тетово.

Ука Алити

Групата планинари била симната во најблиското село, Бозовце. Една лесно повредена планинарка и лицето со скршеница на рамото кој ја добил откако паднал од карпа биле пренесени со брзата помош во тетовската болница, а останатите планинари биле однесени на Попова Шапка каде и престојувале. Ова не е првпат да има залутани планинарски групи, претежно од странство кои не прават проценка на ризик, немаат ниту водич, а се ориентираат според некои мапи мислејќи дека се наоѓаат на некое урбано место, а не на планина со непристапен терен кој не го познаваат, велат од ТППЕ Тетово.

– Овие планинари од Чешка имаа некои мапи и со тие мапи одеа, не мислејќи дека тоа е тежок терен за планинарење и прошетка, значи одеа на своја рака. Затоа би апелирал на секоја тура да има водич, кој ги знае местата и теренот. Треба да се земе во предвид проценка на ризик. Планинарите ја немале таа проценка и затоа ова им се случило кое  заврши со среќен крај, истакна Ука Алити командир на ТППЕ Тетово.

Планината колку е убава толку е и опасна, вели Зија Јонузоски од планинарскиот клуб „Аргентус Маунт“. Без планинарски водич авантурата на планина која е непристапна, а теренот непознат е многу опасна.

-Во секоја основна  обука која ја правиме за планинари постојано се повторуваат предностите во зачленувањето во планинарски клуб, дополнително почетниот планинар добива тура со искусни планинарски водичи. Планината колку што е убава толку е и опасна, затоа е потребно секој почетник планинар или планинари кои не биле на тој терен и на таа планина да се обратат на локалните планинарски клубови или да побараат помош за водење или пак да добијат некои инструкции за таа област, истакна Зија Јонузоски, претседател на планинарскиот клуб Аргентус Маунт.

Зија Јонузоски

Се работи за група од седум планинари од Чешка претежно студенти, кои дел од летниот одмор го поминуваат на туристичкиот центар Попова Шапка, која е појдовна точка за голем број планинарски тури на Шарпланинскиот масив.

(З.Д.)