„Како не им е срам за парите што ги земаат, а ништо не прават“ – Граѓаните реагираат дека гробиштата во Бутел се претворени во депонија – ММС
ММС

Објавено на: 08/6/21 9:39 AM

„Како не им е срам за парите што ги земаат, а ништо не прават“ – Граѓаните реагираат дека гробиштата во Бутел се претворени во депонија

„Гробиштата во Бутел се направени како депонија“, велат наши читатели кои ни испратија и фотографии, за да се увериме дека вечното почивалиште на нашите најблиски воопшто не се чисти, а за тоа се наплаќа.

– Ова е моменталната состојбата на гробиштата во Бутел, во реонот на православните гробови во Алеа 2. Расфрлан медицински отпад меѓу гробните парцели, искористени шприцеви, игли, стаклени шишенца, амбалажи од антибиотици, гази, памук, шишиња за инфузии… Но, не е само тоа, има купишта картонски и пластичен смет и остатоци од исушени гранки до висина од еден метар, кои ги попречуваат патеките, кои ги поврзуваат гробните парцели, велат наши читатели и додаваат:

-Ние граѓаните на Скопје, кои одиме да изразиме почит кон нашите најмили не  заслужуваме ваков потресен призор, а секој од нас редовно плаќа гробарина за одржување на гробиштата на АД  за погребни и придружни активности „Бутел“? Како не им е срам за парите што ги земаат, а ништо не прават. На нивната веб страница е напишани дека: „Гробарина е надомест за одржување на гробиштата. Одржување на гробишта е тековно и инвестиционо одржување на комуналната инфраструктура и придружните објекти на гробиштата. Одржувањето на надгробниот споменик на гробното место го врши носителот на гробното место. Носителот на гробното место се обврзува редовно да плаќа гробарина на управителот на гробиштата заради одржување на гробиштата. Цената на гробарината годишно изнесува 320 денари, со можност да се плати однапред за наредните 5 години“. Значи нивното е само да земаат пари ништо друго, велат револтирано скопјани.

Тие велат дека правилата луѓето ги почитуваат, секој се грижи за гробот на најблискиот, но фирмата која се обврзала, во случајов АД „Бутел“ и за која зема пари не си ја работи работата.

-Ако ние, кои ги посетуваме гробовите на нашите блиски, ги почитуваме правилата на Бутел, секој сам да се грижи за одржување на надгробниот споменик на гробното место, за кој платил предходно и бездруго огромна сума пари, и за кој еднаш годишно плаќа гробарина, тогаш зошто тие, со средствата кои им ги уплаќаме на нивна сметка, не се грижат за комуналната инфраструктура на гробиштата, како што и самите напишале дека се обврзуваат?! Навистина не ни е јасно  зошто се навикнавме на оваа состојба, проблемите да се провлекуваат години наназад без да се превземе одговорност и да се сменат работите на подобро, велат на крајот револтирано.

ММС по меил побара одговор и од АД „Бутел“, но и по 10 дена сеуште нема одговор.  Неколку пати и телефонски се обративме до службата за односи со јавност, но тие секогаш имаа нов изговор за причината што не одговараат на обвинувањата на граѓаните: „Кога ќе ни одговорат надлежните нам,  тогаш“, „ Јавете се идната недела, понеделник или вторник“, „Чекаме одговор“ и последниот од утрово е „Зарем не не ги добивте одговорите до сега“…

 

(В.М.)