Тепачка, брза помош, полиција – Љубовниот карамбол пред Општина Карпош остави двајца без работа – ММС
ММС

Објавено на: 07/27/21 3:21 PM

Тепачка, брза помош, полиција – Љубовниот карамбол пред Општина Карпош остави двајца без работа

Шушкањето за љубовната врска меѓу двајца колегите во Општина Карпош  вчера се покажале дека се вистина. По вчерашниот инцидентот, кој се случил во близина на општината, во кој физички се пресметале вработен во општината со сопругот на неговата колешка, со која велат дека биле во врска и вмешувањето на нивните сопружници, резултатот е тепачка со повреди и интервенција на брза помош и полиција. На ова претходно следела блиска средба меѓу двете жени, а потоа се вмешале и мажите, по што едниот завршил во повреди.

Од МВР за ММС го потврдија настанот.

-Вчера во 11.30 часот било пријавено дека на ул.„Драгиша Мишовиќ“, на подрачјето на Карпош, по претходна расправија бил нарушен јавниот ред и мир со меѓусебна пресметка помеѓу А.А. и И.С.К., двете од Скопје. Исто така, во врска со случајот, околу 11.40 часот било пријавено дека на истата локација, по претходна расправија, С.А.(34) со остар предмет му нанел повреда на В.К.(37), двајцата од Скопје. Повредениот бил пренесен во Градската општа болница „8 Септември“ за укажување на лекарска помош. С.А. околу 18 часот сам се пријавил во Единицата за насилен криминал во Полициската станица Кисела Вода и со него бил извршен разговор. По целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок, информираат од МВР.

Од општината за ММС велат дека не знаат што точно се случило, бидејќи тепачката била надвор од општината, а тие дознале дури откако сопругот на нивната вработена повреден дошол на капија да се пожали на повредите, па тие викнале брза помош и полиција.  Од Карпош велат и дека имале кодекс на однесување и дека според него љубовни врски на работно место било забрането, но и покрај тоа ете се случила.

-Станува збор за вработена во Секторот за поддршка за Советот на Општина Карпош и нејзин колега од Сектор за човечки ресурси,  лица кои се вработени со договор за привремено ангажирани службеници. Вработените ги повредија сите етички стандарди и норми за професионално и одговорно работење. Затоа Општина Карпош донесе одлука да им бидат прекинети договорите за вработување на двајцата привремено ангажирани службеници, кои беа дел од вчерашниот немил настан.  Веднаш по немилиот настан, кој иако се случи надвор од седиштето на општината, сепак, локалната самоуправа ја контактираше полицијата и итната медицинска помош, со цел да бидат навремено преземени сите неопходни дејствија. Ова е констатирано и во записникот на полициските службеници. Општина Карпош во ниту еден момент нема да толерира неодговорност и непрофесионалност и ова јасно и недвосмислено го покажавме со брзата одлука за одговорност на општинските службеници, велат за ММС одговорните во Карпош и додаваат:

„Нема да дозволиме однесувањето на поединци да го загрози угледот на локалната самоуправа.  Несоодветното однесување на поединци, кои веќе не се дел од администрацијата, не може и не смее да го загрози угледот на општината, која изминативе четири години е пример за транспарентна и респонзивна институција. Професионалноста се покажува и кога треба да се поведе постапка против оние кои згрешиле во рамки на институцијата. Карпош тоа го стори. Затоа што нема друга алтернатива, освен одговорно и професионално работење и однесување, велат од таму за ММС.

(В.П.)