Русија ќе го прифати секое решение за Косово, кое ќе биде прифатливо за српскиот народ, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
– Она што ќе биде прифатливо за српскиот народ околу ова прашање, тоа со почит ќе биде прифатено од наша страна. Но, прашањето е -дали ова е корисно и што ќе биде корисно за народот во Србија, изјави Захарова за РТС, одговарајќи на прашањето за ставот на Русија околу поделбата на Косово.
На прашањето дали претседателите на Русија и на САД, Владимир Путин и Доналд Трамп разговарале за Косово, Захарова одговори дека по последната нивна средба била објавена таква инфромација, која, според неа, е лажна вест.
– Тоа се лажни вести, типични лажни вести, изјави Захарова.
Таа нагласи дека ставот на Русија во однос на косовското прашање е доследен.
– Тој став се гради од три компоненти – меѓународно правна основа за тоа што се случува на Косово, почитувањето на суверенитетот на Србија и независноста на српското заканодавство и разбирањето на интересите на Србија како држава и на народот, истакна Захарова.