Од 330 000 ревакцинирани, 92 лица се заразиле со корона: Филипче ќе ја интензивира кампањата за вакцинација – ММС
ММС

Објавено на: 07/27/21 10:08 AM

Од 330 000 ревакцинирани, 92 лица се заразиле со корона: Филипче ќе ја интензивира кампањата за вакцинација

Од 330 илјади ревакцинирани, вкупно 92 лица се заразиле со коронавирусот – информира денеска министерот за здравство, Венко Филипче. Според него, процентот на заразени кои примиле две дози вакцини, е многу мал и како што вели тој, тоа е доказ за користа од вакцината.

„Процентот на заболени лица кои се ревакцинирани е многу мал, некаде околу 0,02 проценти. Граѓаните треба да се свесни дека тоа е единствениот начин да се смени сликата. Ние ќе продолжиме со кампањата и со теренската вакцинација. Во некои од помалите градови во источниот дел на државата имаме мал опфат на вакцинација, а прилично голем во Охрид и Битола. Околу 60 проценти од вкупното население над 65 години е веќе вакцинирано. Тој процент како се намалуваат возрасните групи опаѓа. Вакцинирани се околу 630 деца под 18 години. Има разлика, не е секаде ист опфатот“, изјави Филипче.

Тој оценува дека вакцинацијата се одвива прилично добро и прогнозира дека денеска ќе ја надминеме бројката од 500 илјади вакцинирани со најмалку една доза. Очекува до крајот на месецов, тие кои се’ уште не се ревакцинирани, да ја примат и втората доза.

-Добро се одвива и теренската вакцинација, некаде 20 илјади лица се вакцинирани со теренската вакцинација. Просечната бројка на вакцинрани со прва доза изминатиот период на ден е меѓу 3 и 5 илјади, или 30-тина илјади изминатите две недели – посочи министерот.

Тој соопшти дека се затвораат вакциналните пунктови во спортските сали, освен во Тетово и Струмица.

Вели дека тоа се должи на, како што оценува, доброто менаџирање на целиот процес на вакцинација во пунктовите во здравствените домови.

-Се враќаат луѓето на своите работни места и чекавме да помине оној масовен прилив на граѓаните за ревакцинација, бидејќи таму беа вакцинирани па мораше да бидат и ревакцинирани на истите места.  Вакцинацијата се одвива во здравствените домови, не очекуваме пореметување на системот за ревакцина – истакна ресорниот министер. Тој најави дека во втората половина од овој месец ќе се интензивираат јавните кампањи со цел да се зголеми опфатот на вакцинирани граѓани.

Во меѓувреме, домашните здравсвени власти не планираат никакви нови рестриктивни мерки, ниту на границите, ниту во однос на организација на настани.

„Размислуваме  дали е потребно нешто да се направи почнувајќи од средината на септември или почетокот на октомври. Сега има една дебата во светот, размислувањата се во насока на тоа дали треба некаква рестрикција во однос на граѓаните кои не се вакцинирани. Зошто да ги загрозуваат сите тие кои имаат можност да се вакцинираат, а не го прават тоа? Некои земји воведуваат брз антигенски тест за маркети и културни настани. Размислуваме за тоа и ако процениме дека ризикот од невакцинираните кон генералната популација е доволно голем ќе воведеме рестриктивни мерки“, најави Филипче.

 

В. Ми