(Видео) Љубовта ја сплоти екс Ју во МОБ – Балет на безвременските хитови на „Бјело дугме“ – ММС
ММС

Објавено на: 07/26/21 10:36 PM

(Видео) Љубовта ја сплоти екс Ју во МОБ – Балет на безвременските хитови на „Бјело дугме“

Во ритамот на некогашните хитови од регионалната музичка сцена пулсираше вечерва публиката во Скопје. На сцената на Националната опера и балет, танчери од Македонија, но и од  Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина и Србија направија уникатен музички времеплов танцувајќи на најголемите хитови на „Бјело Дугме“.  Разиграниот и енергичен стил препознатлив за спотовите на овој бенд ја инспирираше невообичаената атмосфера на претставата „Сви марш на плес“, која се одржа во рамките на Скопско културно лето.

„Балетската претстава „Сви марш на плес” нè води во електричен и измислен свет во кој песните на култниот екс-ју бенд Бјело Дугме  стануваат основа за раскажување на приказни за едно време и една генерација. Како што љубовта е тема во повеќето песни на Бјело Дугме, така не можеме да избегаме од фактот дека сржта на оваа претстава е токму љубовта и љубовните односи, од оние за кои копнееме, до оние за кои живееме, и оние кои кои се на издишување или припаѓаат на носталгичниот одраз на нивните херои“, истакнаа од Дирекцијата за култура и уметност – Скопје.

Според организаторите, звукот на хитовите на овој бенд успешно комбинира традиционални со современи елементи, препознатливи локални со алтернативни рокенрол звуци. Токму благодарение на таквата комбинација публиката уживаше во уникатно театарско доживување на дејство лоцирано во замислена младинска државна градба за време на летна работна акција во 80-те години на минатиот век. Дејството на сцена преку специфична кореографија го донесоа деветмина танчери. Интересно е што како кореограф на оваа претстава се јавува штипјанецот, Игор Киров кој веќе е познато име во меѓународни рамки. Драматург на претставата е Горан Головко, а светло мајстор е Амир Ахиќ.

Манифестацијата Скопско културно лето продолжува утревечер со концертот „Модерниот дух на староградската песна” на Лаура Крлиу и нејзиниот бенд.

 

Вања Мицевска