Младите иноватори со Даунов синдром на средба кај претседателот Пендаровски и неговата сопруга Елизабета Ѓоргиевска – ММС
ММС

Објавено на: 07/26/21 2:14 PM

Младите иноватори со Даунов синдром на средба кај претседателот Пендаровски и неговата сопруга Елизабета Ѓоргиевска

Претседателот Стево Пендаровски и неговата сопруга Елизабета Ѓоргиевска денеска во Кабинетот на Претседателот се сретнаа со членови на здружението за рехабилитација и инклузија на лица со Даунов синдром „Дневен центар Доза среќа”.

Членовите на „Дневен центар Доза среќа” ги запознаа Претседателот и неговата сопруга со актуелните активности на ова здружение во насока на унапредување на квалитетот на живот и остварување на правата на лицата со Даунов синдром, како и со предизвиците со кои се соочуваат при нивното реализирање и во нивното секојдневие.

Честитајќи им ги постигнатите успеси на светските натпревари за млади иноватори и на натпреварот за наука, животна средина и инженерство, од каде се вратија со три златни и еден сребрен медал, како и со специјална награда на жирито, Претседателот и неговата сопруга им посакаа нови успеси на претстојниот светски натпревар којшто ќе се одржи во август во Канада, а на кој ќе учествуваат со проект на тема лековити билки и нивна примена.

Здружението за рехабилитација и инклузија на лица со Даунов синдром „Дневен центар Доза среќа” активно работи на подигнување на јавната свест за остварување на основните права на лицата со Даунов синдром, овозможување на соодветни услови за рана интервенција, рехабилитација и инклузија за секое дете со Даунов синдром преку информирање за мрежата ширум земјава која ги третира проблемите на овие лица, а голем дел од нивните активности се насочени и кон едукација на родителите, семејството и пошироката јавност за потребите на овие лица и нивна инклузија во општеството.

Извор и фото: Кабинет на претседателот