Го продадовме семејниот автомобил за да имам настап како што замисливме – Марија Груевска прозборе за учеството на Гранд – ММС
ММС

Објавено на: 07/26/21 7:00 PM

Го продадовме семејниот автомобил за да имам настап како што замисливме – Марија Груевска прозборе за учеството на Гранд

Марија Груевска е девојката која воодушеви на големата сцена на музичкото натпреварување на „Ѕвездите на Гранд“. Убавата битолчанка освен со пеењето, воодушеви и со нејзината уникатност на настапите од круг во круг. Секој настап своја приказна што без сомнение го крадеше вниманието на публиката, но и на жирито и така стаса до финале. Во разговор за ММС со Марија дознaваме дека професионално со пеењето се занимава од пред седум години, а сцената на „Гранд“ ја одбрала бидејќи таа била единствената каде што може да се покаже талентот, но и откри што е најважно за шоу бизнисот.

-Ако одлучите да се занимавате и да бидете дел од шоу бизносот најважно пред се’ е да го „украдете” вниманието, а потоа да покажете што знаете. Ние само бевме внимателни кога го планиравме сето ова. Околу стравот морам да ви кажам дека воопшто не беше присутен, затоа што ние сме тим кој сака да експериментира, рече Марија.

Оваа сезона на „Ѕвездите на Гранд“ беше многу скандалозна, и за жирито и за учесниците. Марија откри дека и покрај некои моменти во шоуто меѓу натпреварувачите не почувствувала непријателство.

– Барем јас не забележав нешто кое би го нарекла непријателство, повеќе би рекла дека беше јавно и гласно спротивставување на вкусови и искуства, откри младата пејачка  и кажа дека нејзиниот татко е  главниот „виновник“ за нејзините уникатни настапи.

– Сценското претставување и приказната која се преплетуваше низ сите настани ( жената низ вековите) беше на мојот татко ,и откако ќе ни ја претставеше, Златко Јовановски беше задолжен за креациите. Нормално постојано консултирајќи се со мене, кажа таа за оригиналноста, но и колку чинат овие настапи на оваа гламурноза сцена која е во центарот на вниманието кај публиката цели 12 години.

– Тоа е многу релативно. Зависи како го замислувате вашиот настап. На пример можете да купите повратен автобуски билет од Битола до Белград за 50 евра , претходната вечер можете да престојувате заедно со сите кандидати на сметка на продукцијата и да потрошите уште 20-тина евра за храна и освежителен пијалок, при тоа во куферчето можете да си понесете некаква гардероба и да отпеете, тоа е една и најпристапна опција, а она што ние го презентиравме чини навистина многу пари. Да не испадне дека оставам впечаток на некој кој има многу пари…Напротив. Секој што нè познава ја знае нашата финансиска состојба и знае дека сме просечно семејство. Од тука е и мојата решителност  ако влегувам и започнувам нешто тоа да го правам со целосна посветеност и жртва, не штедејќи се ни себеси ни сè што имам. Такви сме сите во семејството. Еве за последниот настап го продадовме и семејниот автомобил за да биде така како што замисливме…И да напоменам дека во текот на целиот настап имавме и многу пријатели кои ни помагаа на најразлични начини, рече таа.

Настапите на Марија навистина беа посебна приказна, ако Јелена Карлеуша беше ѕвездата меѓу членовите, Марија беше ѕвездата на оригиалноста меѓу натпреварувачите, па често публиката коментираше дека убавата битолчанка понекогаш ја засенува и Јелена.

– Да бидеме искрени не може да ме споредуваат со некој кој е икона во поглед на креациите ,згора на сè јас бев натпреварувач, а таа беше член на жирито и од мене се очекуваше да се претставам како што знам и умеам , така да не би рекла дека било кога сум била погламурозна од Карлеуша. Секако ми годеа коментарите и пофалбите,  додаде таа.

Марија ни откри дека нејзинагта инспирација за настапите и била жената во различни изданија.

– Бидејќи целта на приказната која беше замислена за секој настап беше да ја прикажуваме жената во најразлични изданија така дојде на ред да ја прикажеме и првата жена (Ева) па оттука змијата си дојде природно, а роговите го претставија и нејзиното гревопаденије… Тешко е да се биде Ева во денешно време , многумина ќе ве осудуваат, рече Грујовска.

Марија низ настапите ја видовме во различни изданија. Од калуѓрка, со сексапилни костими. Оттаму и прашањето дали е подготвена на се за  успешен настап и кариера настапите, и дали ќе ја видиме и во едно по провокативно издание.

-Јас еротиката ја подразбирам само како еротика бидејќи сметам дека еротиката не може и не треба да се поистоветува со делови од уметноста. Разголувањето го има само како форма а суштината е нешто сосема друго. Разголување само за да бидеш разголена ја преминува мојата црвена линија, така што би го направила сето она кое ќе сметам дека има некаква уметничка вредност, а не еротска, искрена е Марија и сега откако заврши шоуто по собраните впечатои открива што мисли за победникот:

– Натпреварувањето е замислено така да на крајот победува оној за кој ќе одлучи мнозинството на гледачи кои гласале , во случајот мнозинството сметаше дека Махир треба да биде победникот . На вакви натпреварувања јас му верувам на мнозинството иако кога би се прашала јас би имала трилема Зорја, Исак или Мите. Јас ќе размислував кој од тие тројца….Иако Зорја ми е најдобра другарка, заврши убавата битолчанка која ќе имаме прилика наскоро да ја видиме со нешто ново и оригинало.

 

Весна Петровска