Бујар Османи ќе оди на состаноци со тротинет – Почна да функционира зелената дипломатија во МНР – ММС
ММС

Објавено на: 07/25/21 11:25 AM

Бујар Османи ќе оди на состаноци со тротинет – Почна да функционира зелената дипломатија во МНР

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи денеска ги промовираше електричните тротинети, набавени за користење од страна на вработените во министерството, како пример за одговорно однесување кон животната средина и проблемот со аерозагадувањето.

„Со овој симболчен гест, министерството за надворешни работи започнува со промоција на проектот „Зелена дипломатија – новото нормално”, кој ќе се одвива во неколку етапи. Нашата визија е да станеме прва земја од регионот што ќе обезбеди одржлива работна средина не само во зградата на министерството, туку и на дипломатската мрежа. Притоа, задржувајќи висок кредибилитет меѓу вработените и партнерите, следејќи го чекорот на светот кој се движи кон поодржлива иднина”, истакна Османи.

Во МНР заклучиле дека овој тип на превозни средства се практични за употреба со оглед на локациите на државните институции кои се наоѓаат на дијаметар од еден до два километри. На тој начин вработените полесно ќе стигнуваат на состаноци, координации и слично.

„Тргнувајќи од овие факти, за вакви секојдневни кратки дестинации,  треба да се обидеме, колку можеме повеќе и колку ни дозволуваат околностите, да се користи велосипед, електричен тротинет. Преку вакви примери, си помагаме себе си, ќе им ослободиме простор на другите, ќе ѝ помогнеме на околината и на природата, за да имаме почиста животна средина“, рече Османи.

Со лансирањето на иницијативата за одржливости и проектот за зелена дипломатија, министерството за надворешни работи ќе се обиде да обезбеди усогласување помеѓу внатрешни процедури и надворешните пораки и активности, а со тоа да стане пример за одговорно општествено однесување.

 

О.К.

фото: МНР