Јордан Насев: Ако за земјоделското земјиште се грижат општините, нема да има узурпации (видео) – ММС
ММС

Објавено на: 07/23/21 4:44 PM

Јордан Насев: Ако за земјоделското земјиште се грижат општините, нема да има узурпации (видео)

Општина Карбинци е мала рурална, ридско- планинска општина. Има околу 4000 жители и околу 25 населени места.

Градоначалник на Општина Карбинци е Јордан Насев, млад семеен човек, татко на две деца и љубител на спортот.

Како е да се биде градоначалник на една мала рурална општина, за условите за работа, за децентрализацијата, за легализацијата, за реализираните проекти, за плановите, разговаравме со градоначалникот Насев во интервјуто за Моја општина.

Воопшто не е лесно да се раководи една ваква мала, рурална општина, особено ако се спомене фактот дека на почетокот на мандатот во 2017 година затекнавме општина со блокирана сметка, некаде во континуитет две години, вели Насев во интервјуто.

„Наследивме долг од 24 милиони денари, кои што секако претставуваа голем проблем за да функционира општината, којашто е со ограничени приходи, каде што ресурсите се ограничени. Меѓутоа од дистанца на време по три години, т.е завршувањето на овој мандат, Општината Карбинци е финансиски ликвидна општина, стабилна општина, со стабилни извори на приходи. Сликата за Карбинци 2017-2021 е сосема поинаква,“ додава Насев.

Тој додава дека во општината ги имаат потребните услови за работа, но локалната власт секогаш бара повеќе ингеренции посебно во делот на финансиската децентрализација, во делот на урбанизамот, во земјоделието. Во врска со работата на советот, вели дека може да се пофали со фактот дека повеќе од 90 % од одлуките на советот се донесени едногласно, секогаш кога станува збор за интересот на жителите на Општина Карбинци, политички партии не постојат, интересот е заеднички и за позицијата и за опозицијата.

Во рамките на својот мандат, Насев вели, дека имаат реализирани околу 25 инфраструктурни проекти. Реконструирани се, реновирани и изградени улици и патишта со вкупна должина од околу 10 километри во 19 населени места. Средствата се обезбедни од повеќе извори, за сите овие средства се бара и добиена е поддршката на Советот, а на форумски сесии, граѓаните ги утврдуваа приоритетите -кои улици по кој ред ќе се обновуваат.

„ Дополнителен импут, развој на овие проекти дадоа и индустриските зони. Успеавме во три наврати да отуѓиме близу 100.000 метри квадратни. Тоа се градежни парцели на кои веќе се реализира градбата. Како најзначаен проект би ја издвоил изградбата на филтер станицата којашто е наш капитален проект. Станува збор за фабриката за вода којашто би испорачувала некаде околу 40л/с здрава и чиста вода за пиење во осум населени места или околу 83% од населението. Останатиот процент од населението, главно во плачковичкиот регион, имаме уште еден проект, тоа е водоснабдителен систем за осум населени места. Средствата за овој проект се од ТАВ програмата, од која општината доби 24 милиони денари. Со изградба на овој водоснабдителен ситем некаде над 93% од жителите на Општина Карбинци би добиле здрава и чиста вода за пиење, “ кажа Насев.

Во врска со соработката со централната власт и процесот на децентрализација, Насев смета дека  руралните општини, најмногу се заинтересиани за земјоделското земјиште коешто сега е во владение на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

„Ние често наидувавме на недоразбирање бидејќи како општина располагаме со градежно земјиште и често сакаме овој процент на земјоделско земјиште и градежно земјиште да биде во наша корист, односно да делот од земјоделско земјиште коешто е наменето за градба да го пренаменеме во градежно земјиште и тука најчесто доаѓаме во колизија со законската регулатива. Доколку еден дел од оваа земјиште биде пренесено на локалната самоуправа ние како вредни домаќини со по еден, двајца службеници би се грижеле за распределбата, за контролата, за надзорот на оваа земјоделско земјиште за коешто во моментов не можеме да се пофалиме дека правилно се менаџира на територијата на Општина Карбинци. Имаме повеќе примери на узурпација на оваа земјиште коешто во моментов се обработува а за тоа не се плаќа надомест. Губи и централната и локалната власт. Доколку овој дел се децентрализира мислам дека овие рурални општини подобро ќе се грижат за оваа земјоделско земјиште,“ образложи Насев.

Урбанизацијата се уште е проблем, посебно за руралните општини. Во Општина Карбинци, ДУП имаат само две населени места-селата Карбинци и Таринци, што пак беше предуслов за отуѓување на градежните парцели од Индустриските зони.

„Доколку овие ингеренции се префрлат кај локалната самоуправа мислам дека сите општини би биле заинтересирани и не би биле одвратени, да со години чекаат за овие урбанистички планови, за кои што Општина Карбинци чекаше три години,“ рече Насев.

Ако на почетокот на мандатот активностите беа насочени кон решавање на проблемот со блокираната сметка, приоритетите сега ќе бидат насочени на доекипирање на општинската администрација-посебно во делот на инспекциските служби. Општина Карбинци воопшто нема предвидено инспекциски служби во самата систематизација.

„Направивме едношалтерски систем, значи просторни услови има, сега би било исто така добро овој систем да профункционира во вистинска смисла на зборот и граѓаните да ги добијат сите услуги коишто им се потреби, брзо и ефикасно,“ додава Насев.

Тој е голем љубител на спортот посебно на фудбалот. Ако пред седум-осум години имало седум фудбалски клубови од кои шест во општинската лига, потоа неколку години на терироријата на општината немало ниту еден спортски клуб.

„Наша интеција беше сите спортови на некој начин да се потикнат од локалната самоуправа и да најдеме ентузијасти, волонтери кои би се зафатиле со обновување на спортот. Сега во моментов, Ф.К Карбинци се натпреварува во Третата источна лига. Во најскоро време, во преговори сме, да отвориме Младинска фудбалска школа, којашто за децата од Општина Карбинци би била бесплатна а ние како локална самоуправа би ги покриле трошоците за тренери и обучувачи. Располагаме со солиден терен, кој што изминатиот период беше запуштен,“ рече во интервјуто за Моја општина, градоначалникот на Општина Карбинци.

За вршење на функцијата градоначалник, вели Насев, потребни се многу жртви и максимална посветеност. Тој е благодарен што ја има поддршката од своето семејство.

„Оваа функција бара многу одречување од приватниот живот, за сметка на професионалното ангажирање,“ додава Насев.