Објавени огласи за вработување на 500 образовни асистенции за работа со ученици со попреченост – ММС
ММС

Објавено на: 07/23/21 3:21 PM

Објавени огласи за вработување на 500 образовни асистенции за работа со ученици со попреченост

Огласи за вработување вкупно 500 образовни асистенти за учебната 2021/2022 година, за кои од буџетот на МОН се обезбедени 59 милиони денари, објавија пет ресурсни центри кои ќе ги опслужуваат сите основни училишта низ државата во кои има ученици со атипичен развој. Асистентите ќе им бидат поддршка на наставниците и нивната улога ќе биде да ја усогласат и приспособат наставната програма за да ја совладаат и учениците со попречености.

Образовните асистенти ќе бидат вработени во основните училишта со ресурсен центар: „Златан Сремец” и „Иднина” од Скопје, „Климент Охридски”  од Ново Село, „Маца Ѓоргиева Овчарова” од Велес и Заводот за рехабилитација на деца со оштетен слух, говор, глас и други проблеми во развојот „Кочо Рацин” од Битола. Ќе добиваат плата од нешто над 24.000 денари. Треба да имаат високо образование – психолози, социјални работници, специјални едукатори и рехабилитатори, наставници во одделенеска настава и наставници во предметна настава.

Огласите со условите, критериумите и роковите за аплицирање вчера ги објави и Министерството за образование и наука, а за новиот модел на инклузивно образование, министерката Мила Царовска денеска имаше средба со претставници на националните инвалидски организации, родители на деца со попреченост, директорките на основните училишта со ресурсен центар и националниот координатор на телото за проценка по МКФ.

-Затоа што инклузијата не е добра само за учениците со атипичен развој, туку и за оние со типичен развој, бидејќи научуваат да ги почитуваат разликите помеѓу себе, да живеат заедно и да придонесуваат кон развој на својата општина и својата држава, рече Царовска. Таа ги повика заинтересираните да аплицираат на огласите за да се постигне планираниот број од 500 образовни асистенти кои ќе бидат обучувани од ресурсните центри и постојано ќе ја имаат нивната поддршка.

Рече дека според проценките, 500 се доволни за да ги сервисираат сите потреби, но дека доколку има потреба во иднина ќе се зголемува бројот на образовни асистенти.

Со измени на Законот за средно образование, исто како и во Законот за основно, ресурните центри ќе треба да вработуваат асистенти и за средните училишта за да се подобри проодноста на учениците од основно во средно образование, а преку програмата Општинско корисна работа и во соработка со УНДП и општините првпат од овој септември во средните училишта ќе бидат воведени образовни асистенти како пилот-проект.