Како жеден вода во исчекување на целосната функција на ХС „Злетовица“ – ММС
ММС

Објавено на: 07/27/21 9:08 AM

Како жеден вода во исчекување на целосната функција на ХС „Злетовица“

Изминатиот месец жителите на Источниот регион ги почувствуваа климатските промени во полн интензитет. Она што пред само пет – шест години го зборуваа научниците и универзитетските професори, се виде на дело. Земјата е жедна за вода, додека растенијата на делови се испечени од Сонцето. Нема шега со природата, велат локалните земјоделци, кои стравуваат дека брзо ќе дојде денот за борба за капка вода. Се’ уште има површини кои се наводнуваат со вода за пиење, додека богатиот извор на Браната Кнежево со хидросистемот „Злетовица“, останува заглавен во административни процедури.

Во втората фаза од изградбата на системот,која се’ уште не е почната,  се предвидува наводнување на 4.500 хектари земјоделски површини во Пробиштип и Кратово. Се чека на административна проверка за затворање на една кредитна линија пред отворање на нова, со кој ќе се обезбедат пари за изградба на наводнителен систем. Времето брзо тече, особено што ќе дојде периодот кога ќе треба да се враќаат позајмените пари, додека останува прашањето со целосното заокружување на првата фаза на водоснабдување со приклучување на сите пет планирани општини, кои преку плаќањето на потрошената вода, ќе ги отплаќаат кредитите. Пробиштип и Свети Николе и по десет години од изградбата на хидросистемот, остануваат единствените две општини кои користат вода од Злетовица, додека најголемата општина  – Штип,  се’ уште се водоснабдува од реката Брегалница. Во останатите две општини –  Карбинци и Лозово, голем дел од жителите пијат вода од артерски бунари, како што велат од комуналните претпртијатија, со сомниетелен квалитет. Освен тоа, сегашниот систем на водоснабдување, граѓаните ги чини поскапо. Претставниците на сите пет општини се согласуваат дека голема штета е што овој единствен хидросистем останува неискористен, особено во време кога светот за бори за секоја капка чиста вода за пиење. Во меѓувреме, ХС Злетовица влезе во листата на државни загубари.

Каде е проблемот?  

Хидросистемот “Злетовица” е повеќенаменски водостопански систем планиран да обезбеди  вода за пиење на преку 100.000 жители во населените места Пробиштип, Кратово, Злетово, Штип, Карбинци, Свети Николе и Лозово. Следи фазата со систем за наводнување на 4.500 ха земјоделски површини во атарот на Пробиштип и Кратово и хидроенерегетско користење на расположивиот воден потенцијал за производство на околу 49.5 милиони kWh годишно. Дополнително се обезвбедува и заштита од поплави и обезбедување на биолошки минимум. Роковите изминуваат, во исчекување на забрзување на динамиката.

Водоснабдителната фаза е завршена уште во 2010 година, за што беа потрошени 100 милиони евра. Од тоа,  30 милиони евра се од државниот буџетот, а 70 милиони евра се кредит од јапонската развојна агенција „Џајка“. За кредитот гарантира државата, која парите треба да ги врати  до 2028 година. Потоа, долговите се префрлуваат ХС „Злетовица“ и согласно проектот, од 2029 до 2038 година, овие средства, ќе треба да ги врати во буџетот преку наплата на продадената вода.

Меѓутоа, се чини, односнот кон водата, како кон природно богатство останува непроменет со генереции – расипнички. Свети Николе е првата општина, која во 2010 година се приклучи кон „Злетовица“ натрупа долг од 15 милиони денари, додека Пробиштип, која се приклучи една година подоцна, беше со долг од шест милиони. Директорот на ХС „Злетовица“, Миле Илиевски, вели дека успеале да се договорат со општините, долгот постепено да го отплаќаат.

-Со двете комунални претпријатија имаме потпишано договори во рок од пет години да го вратат  долгот,  со тоа што плаќаат по една рата од заостанатиот фиксиран долг и по една тековна, вели Илиевски.

Најголем предизвик останува приклучувањето на преостанатите три општини кон „Злетовица“. Иако одамна е изграден цевководот, трите општини немаа соодветни филтер станици за прифаќање и прочистување на речната вода. Во 2018 година, Владата повторно одобри пари, овој пат 6,5 милиони евра за изградба на три филтер станици. Со ова, општините ќе немаат аргументи против водата од Злетовица. Дури актуелниот штипски градоначалник Сашко Николов вели дека овој проблем непотребно се политизира.

– Долги години нашата држава е под надзор на Јапонска агенција за меѓународна помош „Џајка“ токму поради неисполнување на преземените обврски. Во минатото некои наши претставници правеа театарски претстави, глумејќи дека се приклучуваат на „Злетовица“. Веќе нема театар, нема лажење, изјави Николов.

Штип доби пет милиони евра за адаптација на филтер станицата и веќе во септември се очекува тестирање на опремата. Илиевски вели дека во август се комплетира опремата во филтер станицата во Штип.  Со тоа што водата нема да се користи за пиење додека не се изврши тестниот период, обуката на вработените, подесување на опремата и додека не  се добијат позитивни резултати за квалитетот на водата од акредитирана лабораторија.

Апсурдот да биде поголем, граѓаните на Штип веќе се задолжени со кредит за да дојдат до водата на „Злетовица“. Во февруари 2012 година Советот на Општината Штип, одобрува задолжување кај „Џајка“ од 450.000 евра за адаптирање на филтер станицата. Во одлуката стои:

Општина Штип дава согласност за задолжување на општината преку кредитна линија JICA (Џајка) за адаптација на делот од филтер станицата за обработка на површински води од 28.900.000,00 денари. (3 февруари 2012 година).

Во член 2 од оваа одлука, стои дека задолжувањето на општината е од општ јавен интерес и има економска и финансиска оправданост.

Дилемите за квалитетот на водата непотребни

Во Штип активни се гласовите за радиоактивност на водата од „Злетовица“ поради тлото низ кое поминува водата и цевководот.

– Дилемата за квалитетот на вода за пиење е неоснована грижа. Се врши пропаганда од тоа. Ако водата од Злетовица е радиоактивна и сега треба да има проблеми, бидејќи истата вода се влева во реката Брегалница, од каде се водоснабдуваат штипјани. Исто така, два пати годишно Институтот за јавно здравје од Скопје, кој сертифициран за анализи за тешки метали, како како и радиокативност,  врши комплексна анализи. Неоправдано ХС „Злетовица“ стои неискористен 100%. Целата процедура околу набавка на кредитна линија го прави проблемот на затворање на проектот „Злетовица“, изјави Илиевски.

Градоначалниците на Пробиштип и Свети Николе уверуваат дека водата од „Злетовица“ е квалитетна, што, според нив, го покажуваат и редовните анализи. Свети Николе имаше тежек период пред приклучувањето кон овој хидросистем, откако со години бројот на заболени светинколчани од карцином беше загрижувачки.

– Свети Николе има проблем со карцином и имаше сомневања меѓу граѓаните. Порано водата доаѓаше од Брана Мавровица, што се покажа дека не е добар квалитетот. Сега целиот град се снабдува со вода од ХС „Злетовица“. Имаме гарантиран квалитет, редовно добиваме резултати од ИЈЗ Велес и може слободно граѓаните да пијат вода од оводоводот, изјави Сашо Велковски, градоначалник на Свети Николе.

Во моментов работите на проектот се пред втората фаза. Европската инвестициска банка ја проверува техничката документација и по одобрувањето ќе се затвори грантот и се очекува добивање на нова кредитна линија од  41 милион евра. Од тоа, 26 милиони се за наводнување и за енергетика околу 15 милиони. Профитабилноста на системот всушнот го прави третата фаза, до која никако да се дојде, а тоа е изградбата на шест хидроцентрали 9.90MW  и со годишно производство на електрична енергија од 49,5 GWh.

Брзината на ефектите од климатските промени не оставаат простор за бавен тек на работите. Во Општина Пробиштип има неколку населени места, чии жители остануваат жедни за вода во летниот период. Додека едни немаат водата за пиење, други чистата вода за пиење ја користат за наводнување на земјоделските површини.

-Имаме неколку села каде има недостаток на вода во летниот период. Кога би била готова втората фаза за наводнување, во тој случај жителите водата ќе ја користат за пиење, додека техничката за наводнување. Добро е што конечно работите се откочуваат и почнува втората фаза, за што се очекува тендерирање на крај од летото. ХС треба да ги постави цевките и да го изгради системот за наводнување, вели Драган Анастасов, градоначалник на Пробишип.

Оваа општина најмногу ќе ги искористи придобивките од наводителниот систем, каде се наводнуваат 3.500 хектари.

Додека целосно профункционира ХС веќе книговодствено се амортизира

И додека да се завршат сите фази, ХС „Злетовица“, која во својата акумулација држи 23,5 милиони кубици природна планинска вода, стана еден од државните загубари. Просто кажано, системот кој стои, без целосно да се употребува, се амортизира. Парадоксот, според директорот Илиевски е што реално, системот работи рентабилно, но книговодствено, е во загуба поради амортизацијата.

– Се работи за книговодствени параметри, од аспект што од вредноста на ХС со брана проценката е 100 милиони евра. Но, приходната страна со фактури е многу помала, односно 30 милиони. Само пресметката на амортизацијата доведува да се појавува книгодствена загуба. Инаку, со приходот што го остварува ХС „Злетовица“ е доволен да биде ликвиден во текот на целата година. Само со продажбата на вода обезбедуваме нормално работење и редовно сервисирање на опремата и двете општини кои добиваат вода, рече Илиевски.

Проект направен со идеја за вода до секој дом до овие 100.000 жители во дел од источниот регион, ХС „Злетовица“, како што се покажа, во многу зависи и од политичката воља, додека климатските промени и природата го имаат својот конечен збор.

„Со овој прилог, ММС се приклучува кон кампањата „Разбистри се`”, што ја спроведува Инситутот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје.”