Претседателот Стево Пендаровски со високо државно одликување „Орден за заслуги за државата” ги одликува постхумно писателот Горан Стефановски, пејачот и актер Зафир Хаџиманов и професорот Ремзи Несими, како и претседателот на Ракометната федерација на Македонија, Живко Мукаетов.
Горан Стефановски постхумно се одликува за исклучителен и неповторлив придонес во континуитетот и во осoвременувањето на книжевното културно наследство.
– Ќе започнам со Горан Стефановски, нашиот мајстор раскажувач, кој преку своите антологиски драми ни помага да ја разбереме приказната за нас. После Блаже Коневски, Славко Јаневски и Петре М. Андреевски, Стефановски е веројатно последниот голем архивар и согледувач на македонската култура и на македонските крстопати – истакна претседателот Пендаровски.
Зафир Хаџиманов постхумно се одликува за огромниот придонес во специфичниот полижанровски развој во сферата на уметничкото творештво.
Ремзи Несими постхумно се одликува за неговиот траен придонес во филолошките науки и албанологијата во Република Северна Македонија и во светот воопшто.
Живко Мукаетов се одликува за професионалните стандарди во фармацевтската индустрија и за неговата филантропска култура и општествена одговорност.
– Четвртиот лауреат е денеска со нас. Господинот Живко Мукаетов е сигурно еден од најпознатите луѓе во бизнисот. Раководи со компанија која е еден од носечките столбови на македонската економија и шеста фармацевтска индустрија во Југоисточна Европа. Секој од овие големи луѓе повече од сигурно заслужува посебна церемонија, чест и внимание. Но, со ова заедничко доделување на Орденот за заслуги сакаме да ги истакнеме поединците кои ја прават поголемата слика за напредокот на нашата заедничка татковина – додаде Пендаровски во своето обраќање.
Весна Миленковска
Фото: Вангел Тануровски