– Државната комисија за спречување на корупцијата бара струшкиот градоначалник Рамиз Мерко да одговара кривично поради сомнителни јавни набавки, нерационални трошењa и набавки на возила.
Сомнежите на Комисијата се потврдени и од Државниот завод за ревизија, кој констатирал финансиски малверзации во работењето на градоначалникот на Струга. Антикорупционетите поднесоа иницијатива до Обвинителството за организиран криминал и корупција за испитување на овие сомнежи.
Истовремено, ДКСК поради застареност го затвори предметот кој го водеше против Мерко и претседателот на Основниот суд – Струга за неколкукратно зголемување на општинскиот буџет.
Антикорупциската комисија, исто така, го затвори и предметот против поранешниот член на Советот на Општина Охрид, Нефи Усеини, кој истовремено покрај оваа и ја извршувал и функцијата член на Надзорниот одбор во јавна установа. Комисијата покрена постапка против Усеини поради „акумулација на функции“, но таа е прекината бидејќи во меѓувреме тој се повлече од советничкото место.