Место да се радуваме на ново запче, проодување и роденден, ние ги броиме хемотерапиите – Семејството Јанакиеви од Кочани во тешка борба за животот на нивното синче Јаков – ММС
ММС

Објавено на: 07/22/21 10:54 AM

Место да се радуваме на ново запче, проодување и роденден, ние ги броиме хемотерапиите – Семејството Јанакиеви од Кочани во тешка борба за животот на нивното синче Јаков

Да се запознае суровоста на животот додека се’ уште вистински не си го запознал е навистина тажно. Во ваква ситуација е нормално да се запрашате „зошто Боже“, како што се прашува и Елена од Кочани, мајка на малиот Јаков, кој на само 10 месеци го почувствувал најстрашното искушение во животот- борба за здравјето. За Јаков деновиве се упатуваат апели за помош од финансиски средства, бидејќи по две операции тука, треба да замине на лекување во Истанбул, Турција.

ММС го контактираше семејството Јанакиеви од Кочани, а нивната борба за здравје на синчето не остава никого рамнодушен, напротив нема кој не посакува да му се врати насмевката на 2.5 годишниот Јаков. Мајката Елена ни ја раскажа тешката борба на Јаков и неговото семејство и големата надеж дека се’ ке биде добро.

-Јаков е роден на 11 март во 2019 година, уште нема 2.5 години.  Уште во првата година од животот, место да му се радуваме на ново запче, проодување, роденден, нам ни почнаа страшни маки. На 10 месеци му се појави тумор или нефрогластома, па поради тоа го изгуби едниот бубрег.Таков тумор вообичаено се појавува кај поголемки деца, на 4-5 годинки, но кај Јаков се случи многу порано, уште бебе, немаше проодено. Го открија така што му се појави деформитет на стомачето. Лежевме во Кочани на детското одделение, бидејќи имаше пневмонија, но тоа било предизвикано токму од туморот. Тој ги поткревал белодробните крила и поради тоа правело опструкција. Додека лежевме во Кочани го забележавме деформитетот и лекарката предложи веднаш да се направи ехо. Прво мислеа дека има проблем со црниот дроб, па итно не испратија за Скопје. Лежевме на доенче околу три недели, со интеннзивни испитувања, магнет, компјутер. На ехо се гледаше дека станува збор за проблем на црн дроб, но компјутерот покажа сосема друго.  Поради тоа што на Клиника не се прави кор биопсија, не’ пратија во приватна клиника. Направивме и очекувавме резултатот побргу да излезе, но резултатот се задржа, бидејќи специфичен бил туморот, вилсов тумор и кај толку мало дете досега не се имало појавено.  Препорака од лекарите беше да се реагира веднаш, тумурот беше 14 сантиметри и операцијата беше многу ризична, бидејќи Јаков беше бебе. Прво се направи хемотерапија за да се намали туморот,  беше доста ризично. Моја одлука, како мајка полна со надеж, беше да се оперира во приватна клиника. И се направи операција, а потоа се направи хистопатолошки наод и излезе дека е прв стадиум со среден ризик.  По операцијата на секои три месеци одевме на контрола и се беше супер. Овој април повторно бевме на контрола и ништо немаше. Односно тогаш не се виде. За да сега на 30 јуни кога бевме на нова контрола се напипа и се виде дека на стомачето повторно има проблем. Се виде дека на десната страна дијафрагма е потподигната. Ехо во моментот на Клиника не можеше да се направи, па повторно го однесовме на приватна клиника, каде се виде дека повторно има тумор. Дека болеста се вратила. Мораше брзо да се реагира и се се случи за две недели, од дијагностицирање до вадење на туморот.  Д-р Симеонов и првиот и вториот пат го оперираше и го извади и вториот тумор. Но, препорака е, кога веќе пак се појави рецидив на болест, подобро да се однесе во странство, затоа што, за жал,  малку сме назад со техниките на испитување, кај нас нема петскен за деца. А треба поинвазивна, поагресивна, јака хемотерапија, вели тажно Елена, мајка на Јаков.

Кога сето тоа и’ го кажале Елена без двоумење решила да побара спас за Јаков надвор од државата, со цела надеж дека така еднаш засекогаш ќе го реши здравствениот проблем на своето синче.

-Нашите лекари велат дека и тука се дава хемотерапија, но во контакт и совет од родители кои поминале низ ова, а и од страв за здравјето и животот на Јаков, кој е премал, најдовме клиника во Истанбул, Турција. Сите документи за историја на болеста што ги имаме за Јаков ги пративме на две места во Истанбул, но цената не се разликува. А не само хемптерапија, туку треба да се направат и дополнителни испитувања, кои овде кај нас ги нема. Ние до крајот на другата недела мора да заминеме, бидејќи сега закрепнува од операција, но мора да се замине што побрзо. И јас и сопругот сме полни со надеж дека се ќе биде во ред и ќе си го спасиме детето. Дека нема да трае долго, бидејќи имаме поголемо синче, Јордан (7), кој од се’ ова што се случува е многу истрауматизиран, вел Елена и додава:

-Јордан е затворен во себе, се крие. Се гледа дека многу пати, но не сака да го искаже. Ние внимаваме да не разговараме пред него, но тој разбира се и сигурна сум дека ќе тагува и по мене и по Јаков додека сме во Истанбул. Ама овој пат мора да го изодиме, мора нашето бебе да зачекори цврсто, вели Елена полна со надеж.

Семејството Јанакиеви е свесно дека над 90.000 евра се многу пари, но велат, нема ништо поскапо од здравјето на едно дете. Сите трошоци за операции и испитувања досега сами ги платиле, но нивната финансиска моќ е толкава, како впрочем и на поголемиот дел од граѓаните во државава. Дополнителна надеж за ова им дава тоа што Јаков иако толку мал, сепак се покажало дека е голем борец, бидејќи брзо се опоравувал и по првата и по втората операција.

-Јаков првиот пат некако полесно помина, побрзо се подигна после операција, но имаше само 10 месеци и ништо не знаеше што се случува, немаше страв. Сега е 2.5 годинки, разбира веќе што е страв и многу повеќе се плаши. Кога требаше да се оперира по втор пат само повторуваше – „Мама, земи“, а и по операција, лекарите ми кажаа дека бил мирен, само ме барал  и само тоа го повторувал. Пред да влеземе во сала за операција Јаков ме фати за рака и ми рече: „Мама, плаши“. Срцето ќе ми препукнеше во тој момент. Јаков и на интензивна беше сам и бил мирен, се однесувал силно и затоа јас и сопругот сме полни со надеж дека добро ќе ја поднесе и хемотерапијата. Мораме да стиснеме заби да го издржиме и ова, вели мајка Елена.

Судбината на Јаков била животот да го почне по болничките соби и таму и да прооди.

-Јаков прооде на Онкологија. Првиот роденден го прослави на Онкологија. Прооде на 13 месеци. Од се’ низ што помина овие две години и како реагира навистина е голем борец. Очекував дека и ќе прозбори, но од сето ова што му се случува потешко му оди. Пак зборува ама не е тоа тоа, стравот си го прави своето. Јордан, поголемото синче, на вториот роденден веќе сам цела роденденска песна ја пееше, но на Јаков потешко му оди, додава таа.

Здравјето на децата е најголемата обврска на секој родител, па и на Елена и сопругот. Тие велат дека немаат време за размислување, туку секој нов ден им почнува- што да направиме за да го спасиме Јаков.

-Искрено јас по природа сум јака, но сега сум преплашена. Многу читав за болеста и не верував дека ќе му се врати, бидејќи е мнногу лошо кога ќе се врати. Оттаму и нашиот голем страв. За среќа ете цел тумор го извадија и немаше метастази. Ама, пак, сум преплашена. Од една страна за Јаков, а од друга за Јордан, кој треба да остане тука, треба да тргне во училиште. Тоа се трауми за сите. Дај Боже нека биде се во ред, Јаков можеби и нема да се сеќава низ што поминал, мал е, но мислам дека на Јордан ќе му остане траума од се ова што се случува. Знам дека додека сме во Истанбул ќе се гледаме на камера, но си го познавам детето, нема да биде лесно. Ама што да се прави, мора да се стиснат заби, мора да се издржат неколку месеци и се надевам дека тоа ќе биде последна мака низ која треба да помине Јаков, вели полна со надеж Елена.

А надеж секако дека треба да има и во секој проблем таа треба да биде најголема.  Така е и кај семејтвото Јанакиеви, кои се надеваат на поддршката од хуманите луѓе да му помогнат на Јаков да го надмине овој голем животен предизвик.

-Да ми кажуваше некој дека ќе ми бидат потребни пари, дека на ваков начин ќе ги собирам за да го лечам детето за да ми преживее, немаше да верувам. Вчера со сопругот ги гледавме објавите на Социјалните мрежи и имавме чувство како на некој друг да му се случува.Кога зборувавме за да објавиме хуманитарна акција, првин тој беше малку скептик, му беше непријатно да собираме пари на ваков начин. Но, му реков дека нема тука срам и незгодно, се работи за дете и знам дека има хумани луге кои ќе ни помогнат во нашата борба за живот на Јаков. Ние досега 11 илјади евра дадовме за негово лечење и толку ни е финансиската моќ. Верувам дека 100.000 евра сега веднаш никој ги нема. Само операцијата е 92.000 евра, а треба да се седи таму, да се плаќа кирија, да се оди по болница на испитување а сето тоа чини пари кои ние ги немаме. Не знаеме ниту колку време ќе трае сето ова, како Јаков ќе ја поднесе терапијата. Многу стресно, многу тажно ни е. Знам, свесна сум дека во медицината два и два не е секогаш четири, но надеж мора да има, борба мора да има. На препорака на луѓе кои го поминале нашиот пат, на лекари, во Истанбул го гледамае спасот за Јаков. Само да биде се во ред, вели мајка Елена.

Семејството Јанакиеви не само што имаат голема надеж и што веруваат во хуманоста на луѓето, туку, како побожно семејство, секој ден му се молат на Бога за здравје.

-Ние сме многу побожно семејство. Откако се родени моите деца ние секогаш пред спиење си ја кажуваме  „Оче наш“. Јордан веќе ја знае, а Јаков додека ја кажуваме само стои мирно, не ја знае. Но и двајцата знаат да се крстат. Знае што значи тоа. Јас кога станувам наутро му се заблагодарувам на Господ за новит ден што му го даде на Јаков. Од лани кога ни се случи проблемот со него  секој ден му се заблагодарувам на Бога што му пружа секој нов ден, бидејќи болеста е тешка. Верувам дека се’ ќе биде во ред, но потсвесно, секако, постои страв. Секое утро му се молам на Бога да реагираат хемотерапиите, да престане да ми се мачи детето. А навистина се измачи. Па кога бевме во болница срце да ти се скине од сликата таму, немаше слободен кревет, полни креветчињата со дечиња. Првиот пат кога стапнав на Онкологија видов дечиња без коса, по нив влечат инфузии, видов дечиња како повраќаат. Кога го видов тоа срце ми се скина и за нив и за моето. Прво си реков- што барам јас тука, но знаев дека и ние ќе помонуваме низ истото. Знам дека ќе паѓаат тромбоцити, дека ќе му падне коса и нека, ќе порасне уште поубава, само нека оздрави, нека биде жив и здрав и Јаков и сите деца. Велат турските лекари се навистина добри, особено кога станува збор за хемотерапите, па ќе видиме. Надежта не не напушта и дека ќе ги собереме парите и дека детето ќе се излечи. Место да трчка и се радува, тоа не излезе од болница. Родители кои поминале низ ова ми велат не очајувај, ама мене срцето ми е стегнато, додава низ солзи Елена.

Весна Миленковска

 

Фотографиите се објавени со дозвола од родителите