Измените на Законот за државјанство ги фаворизиираат оние кои веќе се државјани на други земји – Здружението на млади правници бара јавна расправа – ММС
ММС

Објавено на: 07/22/21 9:57 AM

Измените на Законот за државјанство ги фаворизиираат оние кои веќе се државјани на други земји – Здружението на млади правници бара јавна расправа

Предлог измените на законот за државјанство кои се денес пред пратениците нема да го решат проблемот на лицата без државјанство во Република Северна Македонија, велат од Македонското здружение на млади правници и бараат итно свикување на јавна расправа

Денес пред пратениците се наоѓа предлог законот за измени и дополнувањата на Законот за државјанството на Република Македонија по скратена постапка.

Македонското здружение на млади правници како организација која повеќе од 10 години работи на намалување и искоренување на бездржавјанството во Република Северна Македонија, достави барање до претседателот на Собранието на РСМ, г. Талат Џафери за итно свикување на јавна седница на која ќе се произнесе стручната јавност.

“Сметаме дека начинот на кој што е формулиран предлог законот е непрецизен и не го решава во целост проблемот на лицата без државјанство кои се заштитени согласно меѓународното право и конвенциите наведени како извори за донесување на овој закон, а дел од предложените решенија се спротивни на текстот на овие конвенции“, велат од Здружението.

Конвенциите на ОН за бездржавјанство и Европската конвенција за државјанство се однесуваат на добивање на државјанство на оние лица кои немаат државјанство. Прашањето за двојно државјанство согласно Европската конвенција за државјанство е предвидено само во поглед на деца родени во државата, а кои поседуваат државјанство на друга држава, како и за лицата кои склучуваат брак.

„Иако во јавните говори на предлагачите на законот се потенцира решавањето на бездржавјанството, во предлог законот никаде не се изрично споменати лицата без државјанство на кои би им се олеснила натурализацијата, како што се наведени во член 7-а од веќе постоечкиот Закон за државјанство.  Предлог законот ги става во понеповолна положба лицата кои се родени и живеат во РСМ целиот свој живот и немаат никакво државјанство, од оние лица кои по 1991 година се иселиле од земјава, имаат државјанство на друга земја, а ќе имаат можност да добијат државјанство на Република Северна Македонија. Дополнително, во предлог законот не е уреден статусот на оние лица кои се родени по 1991 година како втора генерација лица без државјанство кои живеат во нашата држава“, реагираат младите правници.

Доколку се изгласа овој предлог закон како што е предложен, тие сметаат дека ќе биде уште една пропуштена шанса да се реши судбината на голем број на луѓе кои се родени тука, живеат тука и никогаш не ја напуштиле државата- а немаат државјанство на ниту една земја.

“Бараме донесување на закон со кој сите лица кои живеат на територија на Република Северна Македонија, а се апатриди, односно немаат државјанство од ниту една друга земја, веднаш да добијат државјанство на Република Северна Македонија со што  ќе се отстрани бездржавјанството согласно меѓународните конвенции“, бара Здружението на млади правници.

 

О.К.