Ако Дојран т.е Дојранското езеро порано се перципираше како работничко летувалиште, последниве години за што дефинитивно придонесе и актуелната здравствена криза, се повеќе станува интересен за развој на елитниот туризам. Со какви проблеми се соочува оваа населено место кое што пулсира во екот на туристичката сезона и која дефинитивно треба да одговори и на потребите на жителите и на потребата на туристите, разговаравме со градоначалникот Анго Ангов.
Задоволство е да се биде градоначалник на една ваква мала општина, но општина со огромен потенцијал. Сите се сведоци дека во последно време многу се инвестира, се’ повеќе расте интересот од приватните инвеститори. Се купуваат парцели со огромни површини, со намера тука да никнат елитни хотели и казина, ни одговори градоначалникот на Општина Дојран , Анго Ангов на прашањето -Како е да се биде градоначалник на оваа мала живописна општина, во интервјуто за Моја Општина.
Ангов вели дека како градоначалник на Општина Дојран е задоволен што последните две години е забележан огромен раст на инвестициите и од страна на општината но и инвестиции од приватниот сектор. Како мала општина, за нејзиното функционирање се соочуваат со немањето на соодветен кадар, па за да функционираат нормално тоа го надополнуваат со надворешни консултанти. Тие главно се ангажираат за подготовката на проектите, претежно прекуграничните проекти, од ЕУ и други фондови.
„Мислам дека тоа ни беше и клучот на успехот, затоа што во последно време од општина којашто беше ставена резервната листа поради долгот што го имавме ко ЕУ, сега сме општина којашто е лидер во искористувањето на европските фондови,“ вели Ангов.
За да општината ги реализира проектите такви какви што ги замислуват законските рамки се секогаш проблем, но мора да се почитуваат роковите, тендерските постапки, мора се’ да биде транспарентно и јавно.
„ Во последните шест месеци имаме направено над 30 тендерски постапки. Можам да кажам дека сме задоволни, единствено што пропадна е постапка за јавно осветлување, но се надевам дека ќе го реализираме и тој проект,“ смета Ангов.
Инвестициите во локални улиции канализациони мрежи се проектите кои што во секој случај ќе го подобрат квалитетот на живот во населените места, но треба уште многу да се работи, вели Ангов.
„Се работи на разубавување на паркот на површина од 36.000 м/2 во центарот на Стар Дојран. Тука би го спомнал проектот за реконструкција и уредување на турската бања и Саат кулата кои што се културни споменици кои датираат од пред Првата светска војна а се разрушени за време на оваа војната. Тоа ќе претставува дополнителен туристички аспект за посетителите на Дојран не само во летната сезона туку и надвор од неа. Заврши и реконструкцијата на летниот амфитеатар, за кој се очекува да биде дополнителен импулс на летните ноќни културни збиднувања,“ додава градоначалникот.
Ангов смета дека со децентрализацијата општините треба да добијат поголеми ингеренции, со цел нивно подобро функционирање.
„На пример со самото преземање на ингеренциите за градежно земјиште се докажа дека ние како локална самоуправа можеме да опстојуваме многу подобро за разлика од претходно кога целата постапка се спроведуваше преку Министерството за транспорт и врски. Имавме пред Новата година продажба на парцели при што успеавме да инкасираме во општинскиот буџет над 500.000 евра а дополнително ќе се влеат средства за комунални и други давачки. Сите овие средства ќе бидат насочени и искористени за патна и комунална инфраструктура во реализација на проекти коишто претходно беа посочени од локалното население,“ вели Ангов.
Што се однесува до законот за легализацијата на дивоградбите, Ангов смета дека не само во Општина Дојран туку и во сите општини се наметнува истиот проблем – немање на кадар односно градежни инспектори.
„Во моментов тече и тендерската постапка за реконструкција на пречистителна станица, што во голема мера ќе влијае на заштитата на езерото и на животната средина,“ образложи Ангов.
Според него мора да постои соработка на општините со централната власт. Општините знаат со какви проблеми се соочуваат , што треба да се сработи и што би требало да биде приоритет. Сепак реализацијата на некои крупни проекти како на пример обиколницата , којашто треба да го реши проблемот со товарните возила, мора да реагира централната власт. Со овој проект ќе се добие и граничен премин којшто ќе биде пофункционален.
„Се надевам дека ќе го проширимне тој граничен премин, а а со тоа ќе донесеме и повеќе транзитни туристи, мислам на главно на српските туристи. Нашата цел е да го направиме Дојран туристичка дестинација којашто ќе биде атрактивна не само во Македонија туку и на Балканот што се надевам ќе го направиме со сите тие зафати и проекти кои што ни се планирани,“ вели Ангов.
Според него искуството не може да се купи со пари ниту да се научи без да помине време. Имал среќа уште на самиот почеток да ги одбере вистинските консултанти и советници коишто му помогнале во работата и благодарение на тоа успеал бргу да се вклопи и да одговори на потребите, барем што се однесува до аплицирањето за средства потребни за реализација на зацртаните проекти. Благодарение на стекнатото искуство се надева дека доколку повторно ја добие довербата од жителите ќе биде уште поуспешен во реализирањето на проекти коишто ќе го подобрат квалитетот на живот.
„Има одредени работи коишто се во надлежност на Министерствата и кои треба да се дадат на општините за да може една општина подобро да функционира. Би го зел како пример Министерството за земјоделство кое е надлежно за издавање на земјоделско земјиште под концесија. Општините не се вклучени во овој процес, така што се се случува општината да планира урбанизација на одреден простор а таа парцела веќе да е издадена под концесија од страна на Министерството за земјоделие. Тука наидуваме на отпор и уште поголеми проблеми доколку истата нива веќе е посадена и со одредени земјоделски култури. Потребни се и други законски измени кои што ќе и’ овозможат на општините полесно да носат урбанистички планови, постапките да се упростат, се со цел да се забрза развојот на локалните самоуправи. Многу макотрпен е процесот на донесувањето на урбанистички планови, тоа е постапка којашто трае со години. На тој начин трпи и општината но и населението коешто сака да инвестира и да работи,“ образложува Ангов.
Градоначалничката функција бара големи жртви и 24 часовна посветеност и секако голема поддршка од семејството.
„ Голем дел од времето издвојуваме за работните обврски а помало за семејството. Секако секое слободно време го користам за да го поминам со семејството и сум многу среќен што имам големо разбирање за моите обврски и мојата работа, бидејќи ние како градоначалници сме и татковци на градот, на сите жители. Ако општина Дојран има локално население 3000 жители во летниот период има и по 10-15.000, мораме да се грижиме и за сите нив. Секој оној што е на нашата територија е и наша обврска,“
Ангв вели дека врз неговата работа влијаат и критиките на опозицијата. Тоа го воздигнува и поттикнува уште повеќе да се потруди да ги надмине проблемите коишто се појавуваат. Вели дека има некои работи кои се измислени, немаат никаква логика, но според него тоа е и работа на опозицијата, да критикува и да бара одговори.