По застојот кој настана поради пандемијата со ковид-19 последната година, работата на Клиничката болница сега е релативно вратена во нормала, амбулантите работат, а почнати се и оперативните процедури.
Директорот на болницата Ален Георгијев, вели дека сега поради временските услови и поради персоналот, не се изведуваат единствено некои елективни операции, како што се оние за кила и жолчка.
– Ова се операции кои што можат да почекаат и крајот на август ќе почнеме со нив. За елективните операции имаме можност да работиме во две сали и многу брзо ќе ги намалиме листите на чекање, вели Георгијев.
Тој информираше дека конечно почнаа операциите за катаракта, или народски познато како „перде“. Неделно се работат по околу 20 вакви операции, закажани според листата на чекање.
Георгијев вели дека штипската Клиничка болница е спремна за евентуален есенски бран на коронавирусот, а зградата на Инфективниот оддел моментално се реконструира.
– Вчера заврши постапката за поставување на централен довод и ги чекаме вообичаените законски денови да видиме дали ќе има жалба. Доколку нема многу брзо, најдоцна за еден месец, би бил поставен централниот довод до сите 75 кревети во одделот за Инфективни болести, рече Георгијев и потенцира дека со ова ќе имаат над 120 кревети поврзани со централен довод.
Моментално во модуларната болница има тројца пациенти сомнителни или позитивни на коронавирус.