Пендаровски: Курбан Бајрам нека минува во духот на помагањето и дарувањето – ММС
ММС

Објавено на: 07/20/21 8:53 AM

Пендаровски: Курбан Бајрам нека минува во духот на помагањето и дарувањето

Честитка од претседателот Пендаровски по повод муслиманскиот празник Курбан бајрам

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот муслимански празник Курбан бајрам, упати честитка до поглаварот на Исламската верска заедница, реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаху и до сите граѓани од исламска вероисповед во Република Северна Македонија.

„Почитуван реис-ул-улема

хаџи хфз. Шаќир еф. Фетаху,

Имам особено задоволство и голема чест, Вам лично, на членовите на Ријасетот, муфтиите, имамите и на сите граѓани од исламска вероисповед во Република Северна Македонија, да Ви упатам најсрдечни честитки по повод празникот Курбан бајрам.

Најискрено посакувам празникот да го поминете, пред сè, во добро здравје, исполнет со радост, љубов и среќа. И годинава Курбан бајрам, во согласност со традицијата, нека биде во духот на помагањето и дарувањето, споделувањето и грижата. Да бидеме отворени и солидарни кон сите на кои им се потребни помош и поддршка не само за празничните денови туку во текот на целата година.

Во време кога целото човештво сè уште се соочува со пандемијата со ковид-19 и со нејзините разорни последици, потребно е да ги надминеме сите несогласувања и недоразбирања и сплотени да работиме за доброто на секој наш граѓанин. Верувам дека Исламската верска заедница и сите нејзини верници, и понатаму посветено ќе придонесуваат за заедничката борба со сите предизвици коишто стојат на патот на просперитет на Република Северна Македонија.

Нека е честит Курбан бајрам“.