НСЗП бара повеќе бодови и проценти при пресметка на плата за затворските службеници – ММС
ММС

Објавено на: 08/12/18 12:59 PM

НСЗП бара повеќе бодови и проценти при пресметка на плата за затворските службеници

Додавање бодови во пресметката на плата на затворски службеници со средно образование, проценти на овластувања и ризик на работа, како и пензионирање со ефективни 30 или вкупно 40 години стаж со 80 проценти од најдобрите десет години, се дел од одредбите кои од Независниот синдикат на затворската полиција (НСЗП) бараат да бидат опфатени во новиот Предлог-закон за извршување и санкции.

Претседателот на синдикална организација на КПУ Затвор-Куманово, Иво Јордановски денеска на прес-конференција рече дека нивните барања се ништо повеќе од тоа да бидат изедначени со колегите од Министерството за внатрешни работи, но дека регулирањето и изготвувањето на новиот закон се одложило до недоглед:

„Конечно да го затвориме тоа и ние да влеземе во категорија на луѓе со нормални примања во оваа држава. Досега затворската полиција беше дно на сите дна, недефинирани по никоја основа. Ние сме овластени службени лица без овластување. Земаме плата од 14-15 илјади денари, со ноќни и прекувремени саати, ако стигнеме до 20 илјади денари“.

Тој посочи дека на 7 август доставиле официјално барање до Министерството за правда, за да бидат повикани на финалното уредување на Законот за извршување на санкции, но дека се’  уште чекаат одговор.

Претседателот на Затворската полиција и администрација Горан Ристески, изјави дека на ниво на Македонија за погрешната пресметка на плата во минатото имаат над 900 тужби:

„Тужбите се добиени. Имаме одлуки и од Стразбур. Тие се однесуваат погрешни проценти за работа ноќе, работа во ден, за неделен одмор, прекувремени саати, бонус плата за остварени над 190 часа во работната година, како и за степенот на сложеност“.

Независниот синдикат на затворска полиција има членови во девет од 12 затвори низ Македонија.