Убава вест за патниците, сезонските летови конечно се враќаат на охридскиот аеродром, информираат од ТАВ.
-По големиот шок предизвикан од пандемијата со КОВИД-19, сезонските летови се враќаат на Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид. Со првиот лет на релација Ајндховен-Охрид попладнево (време на пристигнување 15:20ч.), редовните сезонски летови од Ајндховен до Охрид, на коишто лета TUI Fly секоја летна сезона, повторно е на распоредот на летови на охридскиот аеродром. Авион од типот Ербас 320, со капацитет од 176 места, донесе холандски туристи и патувачки ентузијасти кои попладнево слетаа на Аеродромот Свети Апостол Павле во Охрид.
Од денеска, 19-ти јули, TUI Fly ќе лета во текот на летната сезона 2021 година со два лета неделно, во понеделник и петок, до крајот на септември. Во овој период се очекуваат вкупно 20 летови, со вкупно 3.520 холандски патници, односно туристи на Охридското Езеро.
-Како ТАВ Македонија, со задоволство можеме да кажеме дека сезонските летови на Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид продолжуваат, со што се враќаат патниците и туристите од нашите традиционални влезни пазари на Охридското Езеро, а тоа е уште еден позитивен показател за закрепнувањето на македонскиот воздушен сообраќај. По подолга пауза поради пандемијата прогласена ширум светот минатата година, кога авијацијата и туризмот на глобално ниво претрпеа огромен удар, среќни сме што можеме да ги поздравиме сезонските летови со патниците кои решија да го поминат летниот одмор во Охрид и во нашата земја. Пристигнувањето на туристите на Охридското Езеро е доказ дека кај патниците се врати довербата во патувањата. Искрено се надеваме дека состојбата со пандемијата ќе продолжи да се подобрува и дека ќе пречекуваме повеќе патници, така што македонскиот воздушен сообраќај целосно ќе се опорави достигнувајќи го обемот што го имавме во 2019 година, кога бројот на патници надмина 2,3 милиони. Како оператор на аеродромите, ТАВ е во постојана комуникација со авиопревозниците и тур-операторите, со цел да ги поддржи при рестартирање на сообраќајот и вложува значителни напори во привлекувањето нови авиопревозници за отворање на нови дестинации“, изјави Метин Батак, Генерален Директор на ТАВ Македонија.
Летовите на релација Ајндховен-Охрид не се единствените коишто се обновени во рамки на летната сезона на летови Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид, којашто почнува во април и завршува во октомври. На 20-ти и 21-ви јуни, на охридскиот аеродром беа обновени сезонските авиолинии на ЛОТ Полиш Eрлајнс, од Полска. Така, сега, полските туристи пристигнуваат два пати неделно во Охрид, односно секоја недела од Катовице и секој понеделник од Варшава, a ЛОТ ќе лета до овие две дестинации до 3-ти октомври. Покрај обновувањето на сезонските дестинации од Полска и Холандија, Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид во моментов има редовни летови на Виз ер кон следните дестинации: Базел, Виена, Малме, Дортмунд и Меминген.
Редовните летови пак, на релација Цирих-Охрид се најфрекфентни, а на оваа линија летаат 3 авиокомпании: Еделвајс лета кон Цирих еднаш неделно (недела), Хелветик ерлајнс лета кон Цирих 3 пати неделно (петок, сабота и недела) и Чер ерлајнс лета за Цирих 5 пати неделно (вторник, среда, четврток, сабота и недела).
По големиот пад на воздушниот сообраќај во 2020 година, во текот на првата половина од оваа година или во периодот од јануари до јуни 2021 година, на двата македонски аеродроми имало вкупно 394.224 патници или 374.722 патници кои патувале преку Меѓународниот Аеродром Скопје и 19.502 патници кои патувале преку Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид, што претставува 34% од бројот на патници во 2019 година.
Во однос на бројот на летовите, во текот на првите шест месеци од 2021 година, Меѓународниот Аеродром Скопје опслужи 5.244, а Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид 280 летови.