По најавите за невреме и поројни врнежи ЦУК со апел за преземање превентивни мерки – ММС
ММС

Објавено на: 07/18/21 3:42 PM

По најавите за невреме и поројни врнежи ЦУК со апел за преземање превентивни мерки

По најавите за невреме и поројни врнежи, силен ветер, грмежи и електрични празнења во наредниот неколкудневен период Центарот за управување за кризи (ЦУК), преку своите регионални центри, испрати укажување за потреба од преземање превентивни мерки.

Градочалниците и лицата за контакт во сите региони во државата при вакви случувања треба повратно да го известат регионалниот центар, односно ЦУК, за можните настани поврзани со настанато невреме и порои во рамки на заедничко информирање и координирање и регионално и во државата. ЦУК апелира и за лично граѓанско превентивно однесување за време и после невреме во одредени локални региони.

„Апелираме граѓаните да не се движат покрај речни корита и суводолици (за време и по локално невреме), заради можни брзи и ненадејни порои, да престојуваат и да се засолнуваат во простори што се на повиско ниво и во случај на појава на грмежи и електрични празнења се препорачува поголема внимателност – да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја“, соопшти ЦУК.

Управа за хидрометеоролошки работи за денеска и во наредниот неколкудневен период прогнозира променливо облачно и нестабилно време, а од пладневните часови со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд, чести електрични празнења, силен ветер (над 70км/ч.) и услови за појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 14 до 22, а максималната од 29 до 36 степени.