Неповторлива музичка вечер на „Охридско лето” со триото предводено од Амира Медуњанин – ММС
ММС

Објавено на: 08/12/18 8:47 AM

Неповторлива музичка вечер на „Охридско лето” со триото предводено од Амира Медуњанин

Музичката програма на годинешното 58-мо издание на Фестивалот „Охридско лето“ продолжува вечерва со несекојдневното доживување што го носи неповторливата босанска вокалистка Амира Медуњанин, која во „Света Софија“ во придружба на контрабасистот Звонимир Шестак и гитаристот Анте Гело.

Станува збор за нестандардна музичка вечер, на која публиката ќе може да ужива во прекрасните преработки и интерпретации на традиционалните босански севдалинки, но и песни од богатото народно творештво и фолкор на поширокиот балкански регион.

Музичкиот новинар Гарт Картрајт ја нарекува „босанската Били Холидеј“, алудирајќи на начинот на кој Амира Медуњанин си „игра“ со севдахот, пронаоѓајќи нов контекст и форма во традицијата стара повеќе од сто години. Оваа уникатна вокалистка е една од најактивните промотори на музичкото наследство на Босна и Херцеговина.

Инаку, Медуњанин во 2016 година го издаде и албумот „Дамар“ на кој се наоѓа и македонската песна „Твојте очи Лено мори“, додека на нејзиниот последен албум објавен во јуни оваа година, работен со познатиот норвешки уметнички ансамбл „Трондхајм Солстене“ исто така има преработкa на песната „Си заљубив едно момче“.