„Дермалог“ е компанијата од која ДИК ќе ги набави апаратите за отпечаток на прст, соопшти Даштевски – ММС
ММС

Објавено на: 07/17/21 11:57 AM

„Дермалог“ е компанијата од која ДИК ќе ги набави апаратите за отпечаток на прст, соопшти Даштевски

Дермалог е компанијата која ќе треба да го набави интегрираниот систем за биометриска идентификација на гласачите за претстојните локални избори. Се работи за германска компанија, која според претседателот на ДИК,  Александар Даштевски имала најдобра понуда.

-Вчера беше избрана компанијата која ќе учествува во постапката односно ќе ја обезбеди техничката опрема за спроведување на изборите со отпечаток од прст. На1-ви јули заврши постапката по јавната набавка за биометриска идентификација на гласачите со отпечаток од прст и во таа постапка се пријавија четири компании. Вчера заврши евалуацијата на компаниите. По завршување на постапката, комисијата за јавни набавки ми предложи една компанија за која донесов одлука да биде избрана. Таа одлука е ставена на сајтот на Бирото за јавни набавки.  Компанијата се вика Дермалог од Германија“, изјави Даштевски на денешната прес конференција.

Тој додаде сега има рок за жалба кој трае десет дена.

По завршувањето на тој рок продолжува постапката. Се надевам дека и тоа ќе заврши како што треба и дека сме еден чекор поблиску до остварување на нашето мото „еден гласач, еден глас“ – додаде првиот човек на ДИК.

Прашан какви се гаранциите дека податоците на граѓаните нема да бидат злоупотребени, тој нагласи дека гаранциите се предвидени во самиот тендер и може да се прочитаат во спецификацијата.

„Податоците ќе се внесат од страна на МВР и после ќе се вратат назад. Не можат да бидат злоупотребени бидејќи опремата е во наша сопственост“, изјави Даштевски. Тој сепак не знаеше да одговори на новинарското прашање дали ваквиот систем ќе биде поврзан со базата на МВР и дали  во реално време ќе се знае дали еден гласач гласал и на друго избирачко место.

Даштевски рече дека прво би сакал да заврпи постапката, па потоа да дава вакви податоци.

Треба да склучиме договор па да ја набавиме опремата.

„Рокот за достава на техничката опрема е 60 дена, ако постапката трае 10 дена имаме рок до крајот на септември да стигне опремата кај нас. Постапката беше јавна и техничката документација може да се најде на сајтот. Испораката ќе биде на двапати. Прво ќе стигнат над 200 апарати со кои ќе биде извршена обуката, а потоа остатокот. Не би зборувал за деталите бидејќи не е завршена постапката“, додаде тој.

Даштевски не одговори како ќе се дистрибуира оваа опрема на денот на изборите, биејќи како што рече, не сака да прејудицира. Како ќе се одвиваат работите ќе биде прецизирано во Уредба која ДИК допрва треба да ја донесе.

Со цел да не падне системот на  Државната изборна комисија како што веше случај лани, тој истакна дека се преземени повеќе мерки за да биде надминато тоа прашање, а меѓу нив е и донесувањето на ИКТ стратегија.

„Сега во тек е јавна набавка на апликација за гласање и за првични и неофицијални резултати. Избирачкиот список се ажурира на дневна база и мислам дека ќе биде во ред“, додаде Даштевски.

 

В. Ми