Албанскиот принц Лека Зогу предлага обединување на Албанија и Косово – ММС
ММС

Објавено на: 08/11/18 9:20 AM

Албанскиот принц Лека Зогу предлага обединување на Албанија и Косово

Националното единство би било идеално за Косово и за Албанија, изјави албанскиот принц Лека Зогу Втори во интервју за весникот„Диели“, предлагајќи нивно обединување во една монархија што би им „донела позитивни нешта на двете земји“.

Принцот нагласува дека откако кралското семејство се вратило од егзил, нивната работа била да ги отстранат бариерите меѓу Албанците и да го промовираат обединувањето на Албанците на Балканот. Тој за весникот оценува дека „Голема Албанија“ како уставна монархија, ќе обезбеди поголема политичка стабилност од сегашниот политички систем, при што го посочува Велика Британија и другите европски монархии како примери за тоа што Албанија може да постигне во иднина како уставна монархија ориентирана кон Западот.

На прашањето дали е подготвен да стане крал на Косово и Албанија, принцот одговори дека кралското семејство секогаш ќе ја почитува волјата на народот.

Тој во интервјуто оценува дека обединувањето на Албанија и Косово е политичка идеја, која е обновена откако Косово прогласи независност во 2008 година.

„Косово е главно албанско и со Република Албанија, споделува неколку заеднички административни сектори, како што се образованието и надворешната политика. Културата, наследството и трговијата во голема мера се обединети меѓу двете земји, кои исто така имаат и отворена граница“, смета Лека Зогу.

Триесет и шестгодишниот принц, Лека Зогу Втори е единственото дете на албанскиот принц Лека Зогу, кој се залагаше за формирање Голема Албанија, во која освен Косово, би влегле и Прешевската Долина (југот на Србија), западниот дел на Македонија, делови од Црна Гора и дел од областа Епир во Грција.