Националната федерација на фармери бара 16 денари за „смедеревка” и 17 за „вранец” – ММС
ММС

Објавено на: 08/11/18 8:21 AM

Националната федерација на фармери бара 16 денари за „смедеревка” и 17 за „вранец”

Минимална заштитна цена за грозјето рамна на производствената, која изнесува 16 денари за килограм “смедеревка” и 17 за “вранец”. Ова е само едно од барањата на лозарите кои синоќа остварија средба во Неготино, во организација на Националната Федерација на фармери на Македонија.

Тие побараа од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство функционирање на договорно производство согласно Законот за земјоделство и рурален развој и гаранција на наплата (банкарска гаранција од откупувачите). Во Програмата за финансиска подршка на руралниот развој да влезат заштитние мрежи, антифрос системи, инсталирање на вентилатори, заштитни фолии, како мерки за заштита и адаптација на овој сектор и целиот земјоделски сектор на новите климатски промени.

Меѓу барањата истакнати на средбата се и враќање на противградобијните ракети, да се поддржат автохтони сорти кои можат да бидат конкурентни, да се зајакне контролата од страна на надлежните институции за  издавање на лиценци за лиценцирани откупувачи. Да се создадат правила и услови преку правна регулатива,  за продажба од куќен праг на преработки од грозје.

На средбата со производители на грозје и вино се дискутираше за состојбите во лозарството и почетокот на откупната сезона. На средбата присуствуваа околу 50 производители на грозје од тиквешкиот, гевгелиско-валандовскиот, струмичкиот  и штипскиот  регион.

Како што истакна претседателката на НФФ, Васка Мојсовска лозарството е основна дејност на огромен број луѓе од тиквешкиот  регион, а Македонија е земја на виното и грозјето.

– Сепак откупната цена на двете најзастапени сорти во Република Македонија “смедеревка” и “вранец” не е помрдната во изминатите 10 години, иако трошоците на производството  се зголемени дури и за повеќе од 50 проценти – рече Мојсовска.

Според анализата на НФФ од прозиводителите на терен се покажало дека цената на „смедеревката“ е 16, а на „вранецот“  17 денари, додека откупната на „смедеревката“ била од 10 до 11 денари, а на вранецот е од 12 до 13 денари.